Утрински Весник
Економија

ЕУ подготвува санкции за руската нафта, но нема согласност од сите членки

Европската унија подготвува нови санкции за продажба на руска нафта и се надева дека ќе усвои ембарго на следниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ, изјави шефот на дипломатијата на Унијата.

Европската комисија, извршната власт на Унијата, се очекува да предложи пакет санкции на ЕУ оваа недела, вклучително и потенцијално ембарго за купување руска нафта – мерка што ќе ја лиши Москва од голем прилив на приходи. Сепак, многу земји од ЕУ се скептични.

Џозеф Борел, кој претседава со состаноците на Советот, рече дека се надева оти ЕУ ќе може „да преземе мерки за значително да го ограничи овој увоз“, но призна дека сите членки досега не се согласуваат, според „Гардијан“.

„Но, јас сум убеден дека, барем што се однесува до увозот на нафта, овој договор ќе биде возможен од сега до следниот состанок на Советот“, додаде тој.

Германија соопшти дека е подготвена да го поддржи сегашното нафтено ембарго на ЕУ.

– Успеавме да дојдеме до ситуација Германија да го издржи ембаргото за нафта – изјави германскиот министер за економија Роберт Хабек.

Оваа европска земја е најголемиот потрошувач на руска енергија и за неколку дена би можела да ја лиши Москва од голем прилив на приходи.

Можете да прочитате

ЕБОР со над 10 милијарди евра инвестиции во Србија од 2001 година

Словачка ни завидува на економскиот раст

Народната банка објавува повик за пријавување трудови за 56. сесија на Клубот на истражувачите