Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Брисел ќе одлучуваат за нови рестриктивни мерки против Русија, откако му беше изречена новата пресуда на рускиот опозиционер Алексеј Навални.
Неименувани дипломати невеле дека договорот за санкциите најверојатно ќе биде постигнат, поради што во следните недели ќе се работи на правната рамка за рестриктивните мерки, пренесува Радио Слободна Европа.
Шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг изјави за германскиот дневник „Велт“ дека верува дека големо мнозинство ќе ги поддржи санкциите.
Според некои медиуми, новите мерки можат да опфатат замрзнување на средства или забранба за патување.
EU should prepare additional sanctions on Russia, Germany says https://t.co/LQE61fNjvJ pic.twitter.com/Y7wYGL1900
— Reuters (@Reuters) February 22, 2021
Рускиот амбасадор во ЕУ, Владимир Чижов, предупреди дека Москва ќе биде подготвена да одговори доколку блокот донесе одлука за нови санкции, а рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров минатата недела изјави дека Русија е дури и подготвена да размисли за раскинување на односите со ЕУ.
На 20 февруари, судот во Москва му нареди на Навални да плати казна од 850.000 рубли (околу 9.500 евра) за клевета на ветеран од Втората светска војна. Тој беше осуден затоа што 94-годишен ветеран и други луѓе, кои минатата година се појавиле во провладино видео, ги нарече „корумпирани марионети“, „луѓе без совест“ и „предавници“.
Навални ги отфрли обвинувањата за клевета и ги опиша како дел од напорите на владата да го понижи.