Утрински Весник
Свет

ЕУ на членките им предлага договор за увоз на гас од Египет и Израел

Европската комисија им предлага на земјите-членки на ЕУ договор со Египет и Израел за зголемување на увозот на природен гас од источниот Медитеран, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на нацрт-документ од 7 јуни што агенцијата го добила на увид.

Нацрт-меморандумот за разбирање, кој сè уште е предмет на промени и треба да биде одобрен од владите, е дел од напорите на Европската унија за намалување на увозот на фосилни горива од Русија по војната во Украина.

„Природниот гас што ќе се испорачува до Европската унија ќе доаѓа или од Арапската Република Египет, Израел или од кој било друг извор во регионот на источниот Медитеран, вклучувајќи ги и земјите-членки на ЕУ во регионот“, се вели во документот од девет страници.

ЕУ соопшти дека има намера да склучи трилатерален договор со Египет и Израел пред летото, но деталите од нацртот од 7 јуни не се јавни. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, треба да го посети Каиро следната недела. Европската комисија одбила да го коментира нацрт-договорот, како и прашањето дали Фон дер Лаен патува во Египет за потпишување на меморандумот.

Нацрт-договорот ги поставува принципите за засилена соработка меѓу трите партнери, но не прецизира колкава количина гас ЕУ би увезувала, ниту пак поставува рокови за испорака. Во документот се наведува дека испораките ќе вклучуваат употреба на инфраструктура за течен природен гас (ЛНГ) во Египет, со напомена дека Египет планира да стане регионален центар за природен гас.

Меморандумот за разбирање ќе трае девет години од потпишувањето, се вели во документот. Тој дел е сè уште во загради, што е знак дека има поголеми шанси да се промени, за разлика од другите параграфи.

Можете да прочитате

Градоначалникот на Нагасаки предупредува на нова нуклеарна војна

Глад и болести се шират во Судан, 25 милиони луѓе загрозени поради недостиг од храна

Германија го запира извозот на воена опрема во Израел и повикува на прекин на огнот во Газа