Утрински Весник
Свет

ЕУ ги поздрави обновените разговори меѓу Турција и Грција

ЕУ ги поздрави обновените разговори меѓу Турција и Грција

Европската Унија ги поздрави продолжените истражувачки разговори меѓу Турција и Грција, рече во понеделникот шефот за надворешни работи на блокот, Јозеф Борел, пренесува „Анадолија“.

На прес-конференција по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, Борел ги нарече започнатите разговори важен чекор кон унапредување и консолидирање на дијалогот и соработката. Тој исто така ги пофали важните пораки и гестови на турските власти за надминување на минатогодишните тензии со ЕУ.

„Ги разгледавме сите прашања што предизвикаа многу проблеми во нашите односи во 2020 година и се согласивме да ги надминеме “, рече тој во врска со посетата на Брисел на турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, минатата недела.

Борел исто така изрази надеж дека преговорите за Кипар предводени од ОН ќе продолжат до крајот на февруари, први вакви разговори од 2017 година.

Вчера во Истанбул заврши 61. рунда технички преговори предводени од делегациите на Република Турција и Грција. Тема на преговорите беше согледување на актуелната ситуација во регионот, како и можните потези во светло на последните случувања.

Делегациите постигнаа договор следната рунда разговори за отворените билатерални прашања да биде организирана во главниот грчки град Атина.

Меѓу членовите на турската делегација беше заменик-министерот за надворешни работи на Турција, Серат Унал, и портпаролот на кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин. Калин на Твитер објави дека во Истанбул продолжиле техничките преговори кои не се одржуваа изминатите четири и пол години.

„Сите проблеми можат да се решат, вклучително и оние во Егејското Море, со силното лидерство на нашиот претседател. Во потполност сме определени за тоа“, наведе Калин.

Тој исто така порача дека регионалниот мир и стабилност се во интерес на сите.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

На Германија ќе и требаат дополнителни 288.000 странски работници секоја година до 2040

Австралија го забранува пристапот до социјалните мрежи за помлади од 16 години

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња