ЕУ е целосно фокусирана на изнаоѓање дипломатско решение и деескалација на ситуацијата во и околу Украина, но во случај дипломатските обиди да не успеат, подготвени сме и подготвуваме мерки на сите полиња, од економија до миграција, соопштија денеска од Брисел.
Европската комисија нагласува дека за ЕУ најважни се дипломатските активности во заедничките напори што се вложуваат со партнерите во Украина и САД во решавањето на актуелната украинска криза.
– Работиме заедно на изнаоѓање мирно решение и деескалација на проблемот – повтори портпаролот на ЕУ Петер Стано.
Во исто време, Комисијата наведува дека ЕУ работи на „цврст и сеопфатен пакет санкции во областа на економијата и финансиите“, кој ќе биде воведен против Русија доколку таа изврши чин на агресија врз Украина.
„Поминавме долг пат во подготовката на пакетот санкции. Ќе се координираме со сојузниците и ќе бидеме подготвени брзо да ги спроведеме доколку е потребно“, изјави портпаролката на ЕК, Дана Спинат.
Запрашан за одговорот на ЕУ на евентуалниот нов мигрантски бран доколку „има војна и бегалците се прелеат преку границите на Украина“, Спинат рече дека ЕУ работи на „два колосек“.
– Покрај ова, што се однесува на санкции, во широка смисла се подготвуваме за сите можни аспекти доколку ситуацијата ескалира, а миграцијата е една од темите – вели Спинат.
Европската комисија вели дека не сака да излезе во јавноста со детали за можни санкции и други подготовки во случај на ескалација во Украина, но забележува дека ЕУ има пакт за азил и миграција што ќе служи за да се најде најдобрата рамнотежа помеѓу ефикасни и хумани решенија.