Скопје, 5 мај 2020 (МИА) – Бројот на заболени од Ковид-19 во земјава се намалува, епидемијата спласнува и властите веќе од наредната недела најавуваат олабавување на мерките, враќање на работа на администрацијата, градинките и сите компании и субјекти кои се затворени.
Изборите, пак, кога и да се одржат ќе мора да се спроведат по строг протокол за заштита на здравјето на граѓаните изработен од Комисијата за заразни болести, а патувањата во летните месеци ќе се координираат со соседните земји.
Во изминатите 24 часа направени се 113 тестирања, а потврдени се седум нови случаи, со што вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.518, бројката на оздравени пациенти е 992, на починати е 85, а во моментов бројот на активни случаи изнесува 441.
Според министерот за здравство Венко Филипче, очигледно е дека бројката на заболени пациенти се намалува, епидемијата спласнува, а тоа особено радува и дава за право да работат на олабавување на мерките.
-Мерката носење заштитна маска, доколку се почитува, може да дозволи постепено враќање и организација на работните единици, компании и администрацијата во функција. Треба да најдеме и соодветно решение за градинките. Оваа недела подготвуваме сѐ во рамки на активностите на Комисијата за заразни болести и веројатно од следната недела постепено ќе се имплементираат овие мерки и тоа дел по дел така како што ќе одредат експертите, изјави Филипче на вчерашната прес-конференција за состојбата со корона вирусот во нашата земја.
Се уште траат консултациите и разговорите за работата на градинките, за што министерот Филипче најави дека ќе бидат контактирани и самите градинки.
– Сакаме да донесеме еден план што навистина ќе може да се спроведе, посебно што градинките мора да бидат во функција кога сите ќе се вратат на работа. Во наредните денови кога планот ќе биде готов ќе дадеме повеќе информации за тоа кога и на кој начин градинките ќе почнат да работат, рече Филипче.
За стратегија за годишните одмори и патувања во време на пандемијата во летните месеци, тој рече, дека ќе се зборува откако ќе има координација со соседните земји.
-Има сè уште многу отворени прашања. Како што ме информираше грчкиот колега, тие планираат отворање на границите во јуни. Сè уште ништо во мај. Но мислам дека многу ќе постигнеме со овој заеднички состанок и координација поради тоа што може да донесеме некакви мерки коишто ќе ги почитуваат сите граѓани, од сите околни земји, ако патуваат било каде. Сметам дека само тоа може да биде една успешна приказна. Зашто непочитување на мерките, не само кај нас, туку и во која било друга земја, е загрозување на јавното здравје – дома или таму во странство, истакна Филипче.
За денеска е закажан состанок на Светската здравствена организација за нашиот регион, а и на самит на ЕУ во среда, исто така, на агендата е дискусија за т.н. излезна стратегија од КОВИД-19.
Министерот Филипче посочи и дека според историски податоци за сите други респираторни вируси кои се појавувале, експертите и за овој респираторен вирус очекуваат дека во летните месеци ќе се префрли во Јужната хемисфера. Повторно постои ризик, за кој не може да се предвиди со колкав интензитет, рече тој, да се врати наесен на Северната хемисфера.
Во изминатите 24 часа се регистрирани 47 оздравени пациенти и тоа во Скопје-9, Куманово-9, Прилеп-8, – Тетово 13, Охрид 1, Гостивар 5 и во Кочани и Крива Паланка по еден оздравен пациент.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби вкупно се хоспитализирани 41 пациент, во ГОБ „8 септември“- 24 пациенти, во болницата во Битола се лекуваат четворица пациенти, во болницата во Штип, исто така – четворица, додека на инфективните одделенија во болниците во Прилеп, Велес, Куманово, Гостивар и Тетово се хоспитализирани 46 пациенти. аа/са/