Утрински Весник
Македонија

Емитување на дискографски објави по повод 15 години „Aко никој не свири…“ на Канал 103

Емитување на дискографски објави по повод 15 години „Aко никој не свири…“ на Канал 103

Скопје, 23 јуни 2020 (МИА) – Радио серијалот и независниот музички издавач „Aко никој не свири…“ почна серијал на дискографски објави со кој се одбележуваат 15 години емитување на Канал 103 и опстојување во македонскиот медиумски простор.

-Пандемијата ги стави на пауза редовните концертни активности на радио серијалот „Ако никој не свири…“ кој од 2005 година се емитува на скопското радио Канал 103. Во очекување повторно да се вратиме со свирки во омиленото студио П6, им се посветуваме на архивите и на објавување на ретки снимки од богатата и жанровски разновидна концертна продукција, соопштија од музичкиот издавач „Ако никој не свири..“.

Досега, како што наведуваат, во овој циклус се објавени следните изданија: String Forces – Live at Kanal 103. Ова е, посочуваат, вториот радио концерт на еден од најдолговечните македонски бендови, снимен во 2010 година.

-Следното издание е 01 Plant – 1100111, кое верно го доловува моќниот електронски звук на кумановското трио 01 Plant и нивната психоделична разиграност. Потоа Graham Young – Early Live Crimes – изворно снимена во 2008 година. Оваа кратка радио сесија е единствениот драгоцен аудио документ за постоењето на акустичното дуо Graham Young, кое го сочинуваа Јана Коцева и Јована Гајтаноска. Потоа Bei The Fish – Welcome. На ова издание е поместена првата радио сесија на овој скопски поп бенд во Канал 103, снимена во 2007 година, се наведува во нивното соопштение.

Оттаму посочуваат дека во наредниот период ќе следуваат изданијата на Oneill – канадски кант-автор кој живее и работи во Скопје, Bram Stadhouders – гитарски експерименталист од Холандија, битолското сурф-панк трио Molokai, како и многу други концертни албуми кои се во фаза на подготовка.

-Радио серијалот „Ако никој не свири…“ веќе 15 години опстојува на маргините на јавниот медиумски простор, делувајќи според принципите на само-организација и солидарност, врз кои се темели и македонската независна музичка сцена, наведуваат во соопштение.бт/лв/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Штип остана без струја – наставата во училиштата е прекината

Неработни денови за 2025 година

СДСМ во среда избира нови секретари и потпретседатели: Ќе има ли изненадувања?