Утрински Весник
Македонија

„Емерџинг Јуроп“: Придобивките на Северна Македонија од членството во НАТО

„Емерџинг Јуроп“: Придобивките на Северна Македонија од членството во НАТО

Лондон, 8 април 2020 (МИА) – Северна Македонија стана полноправна членка на НАТО на 27 март, со што завршија нејзините речиси тридецениски напори за зачленување во Алијанстата, кои започнаа во 1995 година кога земјата се приклучи кон Партнерството за мир, наведува лондонскиот портал „Емерџинг Јуроп“ во својата анализа за тоа што добива државава од членството во Северноатлантскиот пакт.

Прва придобивка за земјава од пристапувањето кон НАТО, според порталот, е тоа што членството „може да биде одлично за долгорочната стабилност и економскиот развој“ на државата.

„Емерџинг Јуроп“ пренесува изјава на поранешниот министер за економија и за одбрана Фатмир Бесими, кој смета дека членството во НАТО значи зајакнување на геостратегиските позиции на Северна Македонија.

– Како рамноправна членка на НАТО, ќе можеме да одлучуваме за важни глобални и геостратегиски прашања на кои инаку не би имале можност да влијаеме доколку не сме членка. Исто така, членството во НАТО ќе ја зголеми безбедноста и стабилноста на земјата, со што ќе се создаде подобра основа за економски раст и развој, вели Бесими.

Според него, економскиот раст ќе и овозможи на земјата да обезбеди одржлив мир, долгорочна безбедност и политичка стабилност.

– Очекувам дека членството во НАТО и започнувањето на преговорите за влез во ЕУ, заедно со подобрите економски перспективи во иднина, ќе го зајакнат и демократскиот капацитет на земјата, наведува Бесими.

Но, според „Емерџинг Јуроп“, во земјава не се сите убедени дека членството во НАТО ќе донесе позитивни промени, посебно за време на пандемијата на коронавирусор.

Порталот пренесува и изјава на професорката Билјана Ванковска од Филозофскиот факултет во Скопје, која смета дека земјава платила превисока цена за членството во НАТО.

– Една мала и сиромашна земја мораше да го зајакне својот воен сектор, додека социоекономските аспекти на безбедноста беа оставени настрана да чекаат некои подобри времиња, вели Ванковска, додавајќи дека „невоените аспекти на безбедноста се од далеку поголема важност од безбедноста која може да ја обезбеди најмоќниот воен сојуз во историјата“.

Втора придобивка за земјава од членството во НАТО, според „Емерџинг Јуроп“ е можноста за намалување на етничките тензии, кои, како што се оценува во анализата, се уште претставуваат проблем.

– Етничките тензии меѓу Македонците и Албанците веќе долго време ја мачат земјата уште од времето на југословенските војни, но во претходно мирната Македонија тие го достигнаа врвот во 2001 година за време на бунтот на Албанската национална ослободителна армија. Во 2017 година во Парламентот упаднаа околу 200 македонски националисти, како реакција на изборот на етничкиот Албанец, Талат Џафери, за претседател на Собранието. Овој настанот, познат и како „крвавиот четврток“, беше потсетник на нерешените етнички прашања во земјата. Полицијата мораше да употреби гасни бомби за да ја растера толпата. Насилни инциденти се случија и во 2012 година, кога полицаец уби двајца етнички Албанци во Гостивар, наведува порталот.

Според Бесими, членството во НАТО конечно може да придонесе за надминување на етничките тензии, бидејќи вредностите на кои се базира Алијансата – индивидуалните слободи, демократијата, човековите права и владеењето на правото – ќе ги релаксираат меѓуетничките односи и ќе помогнат во понатамошната интеграција на македонското општество.

– Мнозинството жители на Северна Македонија го поддржуваат влез во НАТО без оглед на етничката припадност, нагласува Бесими, додавајќи дека од членството во Алијансата граѓаните имаат одредени очекувања во областа на човековите права, правдата и рамноправноста.

Но, според Ванковска, идејата дека членство во НАТО може да помогне во ублажување на етничките тензии претставува лажен мит.

– Еден од лажните митови за НАТО е дека помага во решавање на внатрешните конфликти и тензии во поделените општества. Да споменеме само неколку примери, Каталонија или Северна Ирска покажуваат дека членувањето во НАТО нема никаква врска со внатрешните работи на земјите членки. За НАТО беше полесно да интервенира во Македонија, кога земјата се уште не беше членка, смета Ванковска.

„Емерџинг Јуроп“ потестува дека најголема пречка за зачленувањето на земјава во НАТО беше спорот со Грција околу употребата на името Македонија, додавајќи дека Атина стави вето на нашата покана за приклучување кон Алијансата во 2008 година.

– Дури откако меѓу двете држави во 2019 година беше постигнат Преспанскиот договор, Грција го повлече своето противење за влез на Северна Македонија во НАТО (и Европската унија). Иако договорот беше поздравен како историски од страна на меѓународната заедница, тој беше исклучително контроверзен на домашната сцена. На необврзувачкиот референдум во 2018 година, излегоа само 37 проценти од Македонците. Таквиот низок од одѕив натера многумина да се посомневаат во поддршката на граѓаните за Договорот. На Договорот жестоко се спротивставуваше ВМРО-ДПМНЕ, најголемата опозициска партија во тоа време, наведува порталот.

Поранешниот амбасадор на земјава во НАТО, Мартин Треневски за „Емерџинг Јуроп“ вели дека мнозинството македонски граѓани се задоволни што државата е членка на Алијансата.

– Но, начинот на кој беше оставрено тоа, според мое мислење, ќе биде посочуван во сите антологии на светската политика како пример за бруталноста на реалполитика и за непочитување на меѓународното право и волјата на народот, вели Треневски.

Лондонскиот портал наведува дека поранешниот премиер Зоран Заев и неговиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) „вложија многу напори за надминување на спорот со името со Грција и за создавање услови земјата конечно да се приклучи во НАТО“, што би можело да се одрази на изборните резултати на СДСМ на следните избори.

Бесими смета дека придобивките од членството во НАТО ќе ги почувствуваат сите граѓани во наредните години и е оптимист дека тие ќе знаат да го ценат тоа, поддржувајќи ги партиите што го спроведоа овој процес.

– Тука не мислам само на СДСМ и ДУИ, како владина коалиција што има голем удел во тоа, туку и на другите политички партии кои го поддржаа процесот, вели Бесими.

Од друга страна, Треневски смета дека огромно мнозинство од жителите на земјава не се задоволни од Преспанскиот договор.

– Сметаме дека тој беше едностран, дека главно беа исполнети грчките барања, дека ни беше наметнат. Ова ќе биде главната причина зошто Зоран Заев ќе ги загуби следните парламентарни избори, смета тој.

„Емерџинг Јуроп“ додава дека дополнителна неизвесност во „бурниот политички живот’ на земјава додаде и пандемијата на коронавирусот.

– Ковид-19 се појави како „вајлд карта“ во политичката игра, вели Ванковска за порталот, додавајќи дека политичката иднина на Заев и на земјата ќе зависат од начинот на кој властите ќе се справуваат со здравствената криза и со последиците од неа. сп/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер