Утрински Весник
Македонија

Ел-Јасир: Треба да продолжиме да говориме за родова еднаквост и во сенка на пандемијата од Ковид-19

Ел-Јасир: Треба да продолжиме да говориме за родова еднаквост и во сенка на пандемијата од Ковид-19

Скопје, 30 април 2020 (МИА) – Економските потешкотии што резултираат од затворањето на границите и економските субјекти поради пандемијата со коронавирусот особено ги погодува жените. Несразмерен дел од нив се ангажирани на ниско платени работни места и во неформалниот сектор, што ги прави недоволно подготвени да се справат со загубата на приходите. Затворањето на училиштата, од друга страна, го зголеми товарот на неплатената работа во грижата за домот, односно онаму каде најмногу се ангажирани токму жените и девојките. Генерално, во светски рамки, жените пружаат трипати повеќе неплатена грижа од мажите, вели Алија Ел-Јасир, регионална директорка на UN Women за Европа и Централна Азија.

Онаму каде што здравствените системи се под притисок и одговорноста за грижата им е “препуштена” на жените, додава таа, тие не само што се соочени со зголемен обем на работа, туку се подложни и на зголемен ризик од добивање на вирусот од болните, вклучително децата и постарите.

-Во глобални рамки жените сочинуваат 70 отсто од вработените во здравствениот и социјалниот сектор, што ги доведува до зголемен ризик, бидејќи тие се на првата линија во борбата со Ковид-19. Работејќи секојдневно тие се многу поранливи на опасноста од вирусот, како што е примерот со Шпанија каде што 14 отсто од заболените од Ковид-19 се лица кои работеле во здравствениот систем. Грижата се зголемува поради фактот што на земјите се повеќе им недостасува основна заштитна опрема, вклучително маски и облека. Психолошкото влијание, исто така, игра значајна улога затоа што негувателите постојано секојдневно се соочуваат со смрт и загуби и понекогаш се присилени да носат тешки одлуки за тоа кому ќе му се пружи нега, а кому не, потенцира Ел-Јасир.

Самоизолацијата и карантинот, според неа, преставуваат додатен стрес и притисок врз семејствата, со што се зголемува опасноста од појава на семејно и сексуално насилство. Во периодот на карантинот на милиони луѓе во Кина, случаите на семејно насилство трикратно беа зголемени. Дури и по завршувањето на карантинот економската криза може да ги изложи жените на сексуална експлоатација, како што беше случај со појавата на Еболата во периодот од 2013-2016.

-Поради сето ова, ние во Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women преземаме итни чекори. Ние сакаме родовата димензија на пандемијата да стане видлива и да добие интегрална улога во сите напори за одговор и закрепнување. Мора да осигураме дека жените од маргинализираните и ранливи групи од општеството, како што се жените со попреченост, постарите лица или оние кои живеат во посиромашните и рурални средини или бегалците, мигрантите со нерегулиран статус или внатрешно раселените лица, да не бидат изоставени, потенцира таа.

Во таа смисла, вели, ги мобилизираме партнерите во Европа и Централна Азија како од владиниот, така и од невладиниот сектор кои работат на терен.

-Се фокусираме на превенција и одговорни стратегии за наоѓање и затворање на родовиот јаз. Спроведуваме серија на проценки да идентификуваме и генерираме докази за различното влијание на пандемијата врз жените и мажите во нашиот регион, за да подготвиме соодветен одговор. И во ситуација кога јавните буџети се прилагодуваат во правец на покривање на зголемените трошоци во здравствениот сектор и другите области, ние апелираме трошењето на средствата да биде родово-одговорно, и да ги рефлектира приоритетите на родовата еднаквост. Ние, исто така, ги мобилизираме економските субјекти да придонесат во борбата за да се обезбеди дека жените, вклучувајќи ги и оние што се вработени кај нив, ќе останат здрави и безбедни, подвелекува регионалната директорка на UN Women за Европа и Централна Азија.

Насочувањето на итната поддршка кон жените жртви на насилство, додава, за нас е од највисок приоритет. UN Women тесно соработува со партнери од целиот регион во правец на снабдување потребните продукти во засолништата и сигурните куќи за заштита на жените кои се жртви на насилство. Ние ги насочуваме нашите напори во комуникацијата со жените кои подлежат на насилство за време на рестриктивните мерки за превенција  и социјално дистанцирање, за да ја зголемиме свеста кај нив за можностите и начините за помош. Ние работиме рамо до рамо со активистите од граѓанскиот сектор за да развиеме ресурси за справување со родово-базирано насилство и да осигураме дека оние кои се најмаргинализирани и најдискриминирани групи на жени имаат пристап до помошта што им е потребна.

-Ние сме на самиот почеток. Пред нас е многу работа. Жените и девојките мора целосно да учествуваат во носењето на одлуките и во борбата со пандемијата. Тие мора да имаат пристап до информации што се разбирливи за нив. Мора да осигураме дека протоколите за упатување на   жените и девојките – жртви на насилство, ќе функционираат. Здравствените работници кои се на првите линии мора да имаат пристап до заштитна опрема. Здравствените системи, дури и кога се пред тешки избори, мора да продолжат да пружаат услуги за да одговорат кон потребите и правата за репродуктивно здравје на жените, вклучувајќи грижа во периодот на мајчинство и контрацепција. Неплатениот труд за грижа и социо-економскиот товар кои им штети на жените мора да бидат отстранети, нагласува  Ел-Јасир. сст/са/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Министерот Љутков и комесарот Токура: Преку Меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура

Лимани: Непријавувањето на насилството од страна на жртвите е еден од најсериозните проблеми

Учество на Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог” во Рим