Маркова река е затрупана при изградбата на малите хидроцентрали во горниот тек на оваа река, велат од „Еко-свест“. Од таму алармираат дека станува збор за страшно уништување на природата и комплетно игнорирање на секој постоечки закон и правило.
„Со жалење информираме дека и покрај сите апели, барања и предупредувања од граѓанските организации да се почитуваат мерките за заштита на животната средина, Маркова река деновиве ја затекнавме комплетно затрупана со камења, карпи и земја како последица од градежните активности за трите мали хидроелектрани што се градат во погорниот тек на оваа река“, соопштија од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.
Од таму велат дека реката и речното корито се целосно уништени и дека цели сегменти од реката се затрупани со материјал од градежните активности, при што е оневозможено нормално течење на реката и е уништен целиот екосистем.
Од „Еко-свест“ наведуваат дека според Законот за води треба да се одземе водното право на концесионерот во случај кога е загрозено здравјето на луѓето и природната рамнотежа на водните екосистеми и екосистемите зависни од вода.
„Живиот свет во и околу реката е загрозен, видливи беа мртви речни ракови кои едноставно останале заглавени во странични вирчиња оставени да пресушат. Штетата која е направена не може да се надомести, станува збор за страшно уништување на природата и комплетно игнорирање на секој постоечки закон и правило. Повеќе години водиме борба со институциите да запре ваквата уништувачка изградба на мали хидроелектрани особено во подрачја богати со ретки, загрозени и ендемски видови. И покрај ветувањата од институциите сепак се дозволува вистинска еколошка катастрофа“, вели Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“.
Што е уште пострашно, додава таа, ова се случува во моменти кога земјата е соочена со продолжена суша и пожари кои ја опустошуваат територија на државата и се води борба да се стигне до капка вода повеќе.
„Ек-свест“ бара од Министерството за животна средина веднаш да започне постапка за раскинување на издадената концесија за хидроелектраните Маркова река 143, 144 и 145 на концесионерот Индиго Хидро Македонија – Скопје по основ на грубо прекршување на сите законски одредби за заштита на животната средина и за добра градежна пракса.
Исто така, бараат да се задолжи концесионерот да ја поправи состојбата на Маркова Река до степен до кој тоа е возможно.