Струмица, 20 февруари 2020 (МИА) – Амбасадорката на Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска во нашата земја, Рејчел Галовеј и екологистите од Здружението „Планетум“ од Струмица денеска организираа еколошка акција за адекватното селектирање и одложување на пластичниот отпад.
Амбасадорката Галовеј истакна дека со оваа акција се испраќа порака колку сите можат да придонесат кон подобрување на климатските промени.
-Потребни се 450 години едно пластично шише да се распадне, а наскоро ќе има повеќе пластика отколку риби во океаните. Затоа, индивидуалниот напор на секој поединец е од огромно значење и притоа упатувам огромна благодарност до учениците кои учествуваа во денешната акција, бидејќи тоа е вашата иднина и на планетата и треба вашата активност, порача амбасадорката Галовеј.
За членовите на Еколошкото друштво „Планетум“ денешната акција е испраќање на еколошка порака за управување со пластичниот отпад, кој е голем проблем на глобално ниво, посебно со „пет“ амбалажата.
-Беа поканети ученици од четири училишта за да испратат порака до своите врсници и целото општество за управување со пластичниот отпад или младите за младите јас би го нарекол овој настан, бидејќи покажааа како се управува со овој отпад, односно реупотреби, рециклирај, редуцирај, рече Александар Лазаров од „Планетум“.
Учениците, кои учествуваа во денешната акција, добија лотариски броеви, а на најсреќните амбасадорката Галовеј им додели симболични подароци. рт/ев/