Кичево, 29 февруари 2020 (МИА) – Во НУ Центар за култура „Кочо Рацин“ во Кичево денеска се одржа едукативна и превентивна кампања од страна на медицински тим од Здружението за борба против мозочен удар од Охрид , под мотото „Како да го намалиме ризикот од мозочен удар”.
Превентивната кампања започна со кратко предавање од страна на д-р. Маја Божиноска-Смическа, невролог од ЈЗУ „Свети Еразмо” од Охрид на тема „Како да го намалиме ризикот од мозочен удар” по што докторката одговараше на прашања поставени од заинтересирани присутни граѓани.
Следуваше бесплатен преглед и анализа на шеќер и масти во крвта ,како и преглед на срцето од страна на стручни лица.
-Здружението за борба против мозочниот удар „Мозочен удар” како невладина, неполитички и непрофитна организација функционира од 2014 година и преставува прво здружение од ваков тип во нашата земја. Целта на Здружението е да делува превентивно со цел да се намали бројот на мозочните удари, да се залага за подобрување на третманот и реализацијата со цел да се редуцира инвалидитетот и смртноста по мозочниот удар, како и да понуди поддршка и помош на болните и нивните семејства. Овој проект се имплементира во десет општини од југозападниот регион и е финансиран од ЕУ, изјави координаторот на проектот Божиновска-Смическа.
Добивме, нагласи, специјално возило кое по завршување на оваа едукативна кампања ќе се донира на некој од центрите за јавно здравје во нашата земја.
Инаку, интересот за преглед денеска беше голем од граѓаните на Кичево, особено кај повозрасната популација. рз/вј/