Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби за време на вториот ден од престојот во Албанија, денес се сретна со премиерот Еди Рама.
На средбата, Груби му рече на Рама дека е за поздравување фактот што меѓу двете земји немало и нема ниедно отворено прашање, дека речиси сите успеси се заеднички, и чекорот кон членството во НАТО и дури сега патот кон интеграцијата во Европската Унија.
Груби и Рама разговараа и за спорот што во последните месеци се реактуализира меѓу Северна Македонија и Република Бугарија, каде се согласија дека проблемите и отворените прашања меѓу соседите треба да се надминат само преку дијалог.
За време на состанокот, тие разменија мислења и за Коридорот 8, проект за кој Рама рече дека во Албанија тоа е владин приоритет, бидејќи е во интерес на земјата, но и на целиот регион, додека Груби од своја страна го информираше Рама дека во Северна Македонија се работи на завршување на изградбата на овој коридор.
Двајцата ја пофалија досегашната посветеност на дијаспората од Северна Македонија, бидејќи за помалку од еден месец повеќе од 130.000 луѓе одговориле позитивно на поканата за регистрација.
На крајот од оваа средба двајцата разменија мислења и разговараа и за состојбата во регионот, но и за новите можности за проширување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан.