Утрински Весник
Македонија

Европските социјалисти и демократи ја поддржуваат европската перспектива на Западен Балкан

Европските социјалисти и демократи ја поддржуваат европската перспектива на Западен Балкан

Стразбур, 6 мај 2020 (МИА) – Европските социјалисти и демократи ја поддржуваат европската перспектива на Западен Балкан пред самитот ЕУ-Западен Балкан, јави дописникот на МИА.

-Постојано ја поддржувавме европска иднина на Западен Балкан. Нашето семејство (Европската партија на социјалистите и демократите) помогна да се постават темелите за пристапни преговори за Северна Македонија, а ги поддржувавме и другите наши сестрински партии во Западен Балкан, истакна Сергеј Станишев, претседател на партијата.

Станишев ова го напиша на „Твитер“, по средбата на високо ниво за Западен Балкан во организација на Партијата на европските социјалисти и групата С & Д. Меѓу учесниците на видео конференцијата беа и претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Јозеп Борел, европратениците Тања Фајон и Тонино Пицула, премиерите на Косово и Албанија, Албин Курти и Еди Рама, поранешниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев и лидерите на опозицијата од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

– ЕУ останува најголемиот и најсигурен поддржувач на нашите партнери од Западен Балкан, обезбедувајќи неопходна поддршка за непосредни потреби и долгорочно закрепнување во текот на пандемијата со Ковид-19. Ние можеме само да ја надминеме оваа криза заедно и ако нашите соседи исто така ја надминат, порача Жозеп Борел.

Претседателот на ЕП, Сасоли од своја страна  ја повтори заложбата на Европскиот парламент за Западен Балкан и неговата волја за зајакнување на соработката со парламентите во регионот.

-Проширувањето на ЕУ сè уште е важно! Тоа му дава можност на ЕУ да поддржи важни реформи во земјите-кандидатки, истовремено преземајќи водечка улога во регионот за промовирање на мирот, демократијата, праведноста и просперитетот, рече Тонино Пицула, специјалниот известувач на ЕП за Западен Балкан. тг/бак/ 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Кај село Миравци пронајдена удавена жена

Полицијата ќе ја проверува работата на „Државна лотарија“

Камбовски: Невозможно е да постојат две национални академии во една држава