Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, се закани дека ќе ослободи голем број мигранти во Европа, особено во Германија, и ќе го ограничи транзитот на стоки од Германија преку белоруската територија како одговор на европските санкции, пренесуваат медиумите во регионот.
„Знаеме кој во САД, Германија и другите, особено во европските земји, се спротивстави и ја спречи набавката на компоненти и главни единици за нашите компании“, рече Лукашенко.
Лидерот на Белорусија им порачал на европските земји да ги испорачуваат своите производи во Кина и Русија преку Финска.
„Или преку Украина – има добри патишта“, додаде Александар Лукашенко, пишуваат агенциите.
Односите на Белорусија со западните земји нагло се влошија по претседателските избори. Европската Унија не ги признаваше изборите за слободни и демократски, ниту Александар Лукашенко за избран претседател, анализираат медиумите.
Европската Унија, Велика Британија, САД и Канада воведоа санкции против голем број белоруски функционери, како и компании поврзани со сегашните белоруски власти. Овие санкции подоцна беа продолжени.