Европската комисија и Италија ја блокираа испораката на вакцината на „АстраЗенека“ во Австралија, бидејќи производителот не ги исполнил своите обврски од договорот склучен со Европската унија, објави „Ројтерс“.
„АстраЗенека“ побарала дозвола од италијанските власти за извоз на 250.000 дози од фабриката Анагни близу Рим. Италијанската влада одби да ја одобри дозволата, а Европската комисија го поддржа тоа.
Со ова, Европската унија првпат ја искористи можноста за забрана за извоз на вакцини против Ковид-19.
Во јануари блокот воспостави регистар за следење на извозот на вакцини среде спорот со британско-шведскиот производител за да следи дали лабораторијата ги исполнува своите договорни обврски кон ЕУ.
Овој механизам им овозможува на властите на одделни земји-членки на ЕУ, во консултација со Европската комисија, да блокираат извоз до дестинација надвор од Европската унија, ако блокот верува дека производителот не ги исполнил своите обврски кон ЕУ.
„АстраЗенека“ сè уште не ги доставила ветените дози до Европската унија и ги намали планираните испораки од 80 на 40 милиони дози, оправдувајќи го ова намалување со потешкотии во производството.
Се сомневаше дека вакцините произведени во ЕУ се продаваат на земји надвор од блокот, поради што е воспоставен регистар за следење на извозот на вакцини.