Утрински Весник
Македонија

Европската Комисија потврди дека треба да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ

Европската Комисија потврди дека треба да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ

Европската Комисија (ЕК) го усвои мини-извештајот за Македонија и Албанија, со кој ја потврдува препораката за нашата земја за отпочнување на преговори за членство во ЕУ. Од Комисијата напоменуваат дека земјава ги зајакнала напорите и испорачала опипливи и одржливи резултати во клучните области идентификувани во заклучоците од Советот на ЕУ од јуни 2018 година. ЕК го поздравува и донесувањето на Законот за јавното обвинителство.

„Целта на Законот, меѓу другото, е да обезбеди одржливо решение за случаите на СЈО и да воспостави одговорност за кривичните дела што произлегуваат од нелегалното прислушкување“, се вели во мини-извештајот на ЕК.

Во име на македонската влада, Националниот координатор за интеграција во Европската Унија, Бојан Маричиќ денес посочи дека мини-извештајот е уште една потврда за нашата посветеност на реформите кои се важни за државата.

– Сега на ред е Советот на Европската Унија и Европскиот Совет, кои треба да го имаат предвид овој Извештај и методологијата што беше донесена, и да ги отворат преговорите за членство со нашата земја. Со право очекуваме онаа стратешка грешка која што беше направена во октомври 2019 година да биде исправена и што поскоро Република Северна Македонија да ги започне преговорите за членството во ЕУ – изјави Маричиќ.

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи посочи дека во извештајот јасно се констатира реформската определба на државата, нагласувајќи дека се исполнети сите предуслови на 26 март да се донесе одлука за започнување на преговори со ЕУ. Вицепремиерот Османи смета дека нема ниту еден аргумент „против“ што би можел да го сопре почетокот на преговорите за членство во ЕУ со нашата земја.

Министерството за правда преку соопштение се пофали дека Европската Комисија повторно излегла со позитивна оценка за реформите во правосудството.

„Во извештајот е нотирано дека постои значителен напредок остварен при зајакнувањето на независноста на судството. За својата констатација извештајот се повикува на Венециската комисија“, се вели во соопштението на Министерството за правда.

И од Министерството за информатичко општество и администрација соопштија дека Европската Комисија со новиот извештај за нашата земја го нотирала позитивниот исчекор во реформата на јавната администрација.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал

Фани Каранфилова Пановска е нов заменик претседател на СДСМ