Скопје, 11 март 2020 (МИА) – ЕВН, во интерес на јавното здравје и по препораките од Комисијата за заразни болести и Министерство за здравство, презеде низа мерки за заштита на здравјето на вработените и корисниците, велат од компанијата и најавуваат дека во целост ќе се почитуваат мерките и препораките од последната владина седница, кои се однесуваат на справување со заканата од корона вирусот.
-Со цел намалување на заканата за ширење на вирусот, апелираме фреквенцијата на корисници во приемните канцеларии во корисничките енерго центри и во Инфо центарот во ГТЦ да се намали на минимум и да се користи и почитува електронскиот систем за ред на чекање. Ве молиме посетите на приемните канцеларии да се прават само за неодложни барања и услуги. Следните 14 дена додека важат мерките за заштита нема да работи приемната канцеларија на ЕВН во Дебар, соопшти ЕВН.
Оттаму потсетуваат дека сите останати информации корисниците може да ги најдат на веб страницата www.evn.mk – да пратат допис на info@evn.mk – и да ги користат онлајн услугите на www.evnonline.mk
-На корисничкиот портал www.evnonline.mk без да се регистрираат корисниците може да се пријават за електронска фактура и брзо да платат фактури. Со регистрација на профилот достапни се услугите: проверка и плаќање на долгови, преземање на копии од фактури од последните 12 месеци, увид во историја на сите плаќања реализирани преку корисничкиот профил и барање за потврда за успешно плаќање, порачуваат од ЕВН и ги повикуваат корисниците да ги применуваат и препораките од Светската здавствена организација и Министерството за здравство.вј/лв/