Некогаш една од најфотографираните лица во светот, супермоделот Линда Евангелиста живееше во изолација речиси шест години, а сега е подготвена да започне ново поглавје во својот живот.
Имено, Линда постигна спогодба во тужбата против естетска корпорација откако претрпе ретка несакана последица од зафат за намалување на масни клетки, наречен „студено вајање“ (CoolSculpting), за кој тврдеше дека ја оставил брутално обезличена и емотивно уништена.
Некогашниот супермодел ја заврши својата правна битка и неодамна се врати на манекенството со фотосесија за „Фенди“ – нејзин прв професионален ангажман по шест години.
„Пипл“ цитира извор дека 57-годишната Линда сака да го остави случајот зад неа.
„Со овој договор и со неодамнешната рекламна кампања на ‘Фенди’, Линда е подготвена да се обиде да продолжи понатаму. По години криење дома, таа е повторно надвор,“ вели инсајдерот.
А Линда за своите 1.2 милиони следачи на Инстаграм напиша: „Задоволна сум што го решив случајот CoolSculpting.“
„Се радувам на следното поглавје од мојот живот со пријателите и со семејството и среќна сум што ја оставам оваа работа зад мене.“
Таа не ги откри условите на спогодбата.
Медиумите потсетуваат дека супермоделот поднесе тужба против „Зелтиг естетикс“ (Zeltiq Aesthetics Inc.) и бараше отштета од 50 милиони долари.