Утрински Весник
Македонија

ЕБОР го објави тендерот за доградба на првата фаза од експресниот пат Градско-Прилеп

ЕБОР го објави тендерот за доградба на првата фаза од експресниот пат Градско-Прилеп

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го објави тендерот за довршување на изградбата на првата фаза од експресниот пат Градско-Прилеп. Меѓународниот тендер ги повикува градежните компании да достават понуди најдоцна до 3 ноември за изведба на делницата меѓу Фаришката и Дреновската клисура во должина од 10 километри. Изведбата на градежните работи се очекува да започне во декември 2020 година, при што оваа делница од кракот Д на патниот Коридор 10 треба да биде завршена најдоцна за 24 месеци, се наведува во тендерот.

Експресниот пат меѓу Фариш и Дреново треба има по една сообраќајна лента во секој правец од по 3,5 метри, како и по една помошна лента за застанување од по 2,5 метри. Изградбата на првата фаза од експресниот пат Градско-Прилеп запре минатото лето, откако дотогашниот изведувач „Конструксионес Рубау С.А“ во март 2019 година најави напуштање на договорот за изведба на овој експресен пат. Шпанската фирма заврши само 35 отсто од изведените работи на патот, иако реализацијата на проектот беше започната во 2016 година.

Досегашниот изведувач во јули минатата година ја повлече целокупната опрема од градилиштето и на 5 август 2019 година го извести Јавното претпријатие за државни патишта дека отпочнал арбитражна постапка пред Интернационалниот суд за арбитражи. Шпанците бараат отштета во висина од 10 милиони евра, додека од ЈП за државни патишта велат дека изведувачот не доставил програма за работа за три месеци и не ја почитувал динамиката за изградба на експресниот пат.

Јавното претпријатие за државни патишта во моментов ја реализира втората фаза од експресниот пат Градско-Прилеп, при што непречено се одвива изведбата на делницата меѓу Градско и Дреновската клисура. Целокупниот експресен пат меѓу Градско и Прилеп треба да биде ставен во функција до крајот на 2022 година.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Следната недела разговори за зголемување на минималната плата

УХМР: Од петок студен бран во Македонија – се очекуваат поројни дождови

Уште еден земјотрес ја стресе Македонија