Кандидатката за пратеник од ДУИ во изборната единица еден, а истовремено и претседателка на Форумот на жени на Сарај, Шермине Махмути, денес им се обрати на граѓаните од плоштадот Скендербег во Скопје, презентирајќи ги проектите за млади и за младите семејства, како и нејзините определби како идна пратеничка во Собранието на Северна Македонија.
„Иницијативата да се обезбеди државен заем од 20.000 евра за секое ново семејство, за купување или изградба на нивниот прв дом, е една од најефикасните мерки што државата може да ги преземе за да ги задржи младите семејства во земјава. Оваа мерка, која ќе се спроведе веднаш, конечно им дава можност на сите да создадат дом, што е од суштинско значење за живот“, порача Махмути.
Таа истакна и дека во програмата на првиот премиер Албанец се предвидува во секое семејство да има барем еден вработен со стабилен приход.
Меѓу мерките наменети за младите ги спомена и нула данок на добивка за вработените под 35 годишна возраст и државни стимулации од 1.500 евра за претпријатија кои ќе им овозможат на младите прво вработување.
„Изборот на првиот премиер Албанец е силен симбол за еднаквост во земјата но, исто така, ќе го подобри секојдневниот живот на илјадници семејства и ќе создаде средина каде младите имаат реална шанса да живеат во местото каде што се родени“, нагласи претставничката на ДУИ.
Текстот ДУИ: Државен заем од 20.000 евра за дом на новите семејства е превземен од МАКФАКС.