Утрински Весник
Спорт

Дуелот Тајсон – Џонс заврши нерешено, „челичниот“ побара реванш

Дуелот Тајсон – Џонс заврши нерешено, „челичниот“ побара реванш

Рано утринава, во егзибициски меч во „Стејплс центарот“ во Лос Анџелес 54-годишниот Мајк Тајсон се врати во рингот по пауза од 15 години. Ги вкрсти ракавиците со 3 години помладиот Рој Џонс Јуниор.

Боксуваа 8 рунди по 2 наместо по стандардните 3 минути. Судиите мечот го прогласија нерешен, а Мајк Тајсон веднаш побара реванш.

Еден од најголемите тешкаши на сите времиња беше лут по ваквиот епилог. Беше многу мотивиран, во секоја рунда влегуваше експлозивно, но по дваесетина секунди остануваше „без здив“.

Бруталните удари овојпат изостанаа, единствено имаше кратка размена во петтата рунда. На крајот на секоја рунда Тајсон беше разочаран и одбиваше да оди во својот агол од рингот, додека Џонс ги избегнуваше ударите.

Во последната рунда „челичниот“ даде се од себе, но не успеа Џонс да го испрати на подот.

„Ремито е очекуван и најправеден исход. Многу сум среќен што повторно бев во рингот. Иако две минути сега траат како на времето три, пак ќе се борам. Мора да го повториме мечот, сакам реванш“ – рече Тајсон по мечот.

Неговиот противник вели дека нема намера да го повтори ова искуство.

„Ударите на Тајсон и понатаму се застрашувачки“ – рече тој.

Од овој пријателски бокс меч Тајсон ќе заработи околу 10, а Џонс околу 3 милиони долари. „Челичниот“ се обврза парите да ги донира во добротворни цели.

> Дуелот Тајсон – Џонс заврши нерешено, „челичниот“ побара реванш <

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Пандев и Омерагиќ: Започнува новата ера во македонскиот фудбал

Почна судскиот процес за изнуда на пари од Погба, меѓу обвинетите и неговиот брат

Навивачите на Баерн со порака за претседателот на ПСЖ