Утрински Весник
Македонија

Драгана Чифлиганец прогласена за „Дама на годината“ за иновативност во домувањето и за филантропија

Драгана Чифлиганец прогласена за „Дама на годината“ за иновативност во домувањето и за филантропија

Скопје, 9 март 2020 (МИА) – Извршната директорка на „Адора инженеринг“, Драгана Д. Чифлиганец синоќа ја доби престижната меѓународната награда „Дама на годината“ за иновативност во домувањето и за филантропија, на манифестацијата за избор на дами и џентлмени на годината на 12-тата по ред манифестација во Белекспо центарот во Белград.

На свеченоста награди им беа врачени на истакнати жени и мажи од јавниот, економскиот и општествениот живот од Србија и од Европа, меѓу кои и на српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Чифлиганец на свеченоста беше претставена како „силна и успешна млада жена, 15 години цврсто етаблирана во машкиот бизнис на висоградбата, позната по трудољубивоста, упорноста, пионерските чекори за воведување на нов концепт на поквалитетно и хумано домување, базиран на светските стандарди и најнови трендови, потврден филантроп, силен лобист за родова еднаквост и женски права и докажан општествено одговорен активист“.

Во своето обраќање Чифлиганец порача дека ова е големо признание, како за неа, така и за Северна Македонија, бидејќи е единствена добитничка годинава од нашата земја, и ја поттикнува и натаму посветено да работи на воведување на иновациите во домувањето и на хуманите проекти за поддршка на поединците и заедницата.

Наградата, доделена на 8 март, Драгана Чифлиганец им ја посвети на „сите силни жени“ за кои, како што рече, славниот нобеловец Иво Андриќ запишал: „Жената стои како капија, на излезот и на влезот во овој свет“.

Драгана Д. Чифлиганец е добитник на повеќе меѓународни и национални признанија, меѓу кои и „40 под 40“ во 2019 година во Амстердам за водечки млади бизнис лидери во Југоисточна Европа, „Менаџер на годината“ во 2012 година во земјава и „Дама во градежништвото“ во 2014 година на Саемот за градежништво. сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме