Утрински Весник
Македонија

До септември се очекува да биде отворен Музејот на виното во Кавадарци

До септември се очекува да биде отворен Музејот на виното во Кавадарци

Кавадарци, 15 јуни 2020 (МИА) – До септември годинава се очекува да биде отворен Музејот на виното во Кавадарци, најавија денеска градоначалникот Митко Јанчев, министерот за локална самоуправа Горан Милевски и раководителот на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион Игор Андреев.

По направениот увид во работите на новиот Музеј, тие истакнаа дека изградбата вредна 7,5 милиони денари е со кофинансирање од Министерството и Бирото за регионален развој, но од вкупната сума, три милиони денари се општински пари.

-Кавадарци и регионот ќе добијат вински музеј кој ќе биде од големо значење и за туризмот и за развивање на Вардарскиот  регион познат по виновата лоза и по производството на вино. Во овој музеј посетителите ќе може да се запознаат со лозарството и винарството, рече Јанчев.

Како што дополни министерот Милевски, Музејот ќе ја зголеми и туристичката понуда. Во него ќе се дегустираат вина, ќе се организираат промоции, предавања, обуки, работилници поврзани со виното.

-Ќе има и изложба за тоа како се правело виното, на кој начин. Со средства на општина Кавадарци ќе се доуреди објектот и се надевам дека до роденденот на Кавадарци, седми септември, официјално ќе биде отворен. Сите проекти што ги правиме, ги правиме заеднички со општините. Партнер ни се општините бидејќи без нивна поддршка нема да можеме да реализираме поголем број на проекти, нагласи Милевски.

Министерот, градоначалникот и раководителот на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион направија увид и во проектот за финализирање на коритото на реката Луда Мара.

Јанчев потсети дека веќе неколку години општина Кавадарци заедно со Вардарски плански регион и со Министерството за локална самоуправа со кофинансирање работи на изградба на Кејот во градското подрачје. Со оваа доградба ќе се направи комплетно заокружување на целиот процес. Вкупната инвестиција е 23 милиони денари, должината е 750 метри, а се очекува целиот проект да биде завршен во септември, октомври.

-Од Ваташа до излезот на Кавадарци, односно до „Видое Смилевски“ добиваме комплетен Кеј од шест километри со велосипедски патеки, со можност за рекреирање и урбанизирање на средината каде нашите граѓани ќе можат комотно да се движат, да се рекреираат и да уживаат, додаде Јанчев.

Министерството за локална самоуправа финансиски покрива 25 отсто од проектот, а остатокот е на општина Кавадарци.

-Уште во старт кога станав раководител на Вардарскиот плански регион, кажав јасно и гласно дека не само што ќе продолжи, туку и мојата намера ќе биде да се засили соработката и со Кавадарци и со сите општини од регионот за подобрување на квалитетот на живот на жителите, но и за промоција на туризмот. Кавадарци и Тиквешијата се познати по виното и по многу други работи заедно со сите останати објекти,  со сите други општини од регионот. Може да претставуваат една целина и да претставуваат конкуренти не само во регионот, државата, туку и пошироко надвор, за привлекување туристи. Мислам дека има голем потенцијал и навистина можам да ветам дека понатаму ќе продолжиме со поддршката која и досега беше во голема мера и од Министерството и од останатите други донатори, нагласи Андреев чиј цел, покрај туризмот и квалитетот на животот, е и раздвижување на бизнис центрите и економијата во овој регион. свд/мч/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

СТУДЕН ЦИКЛОН НАД МАКЕДОНИЈА: Од овој петок, како и за време на викендот, многу дожд, снег и голема снежна покривка од над 50 сантиметри!

Македонска филхармонија го слави јубилејот со концертот „80 години – Љубов!“

Во Собранието пратенички прашања – 24info.mk