Непречено се одвива модернизацијата на патната врска меѓу Македонија и Бугарија на Коридорот 8. Најзначајниот проект – изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка се очекува да се пушти во употреба до крајот на 2021 година. Патот е поделен на две делници со должина од 25 километри. Делницата од Крива Паланка до Длабочица во моментов е со физичка реализација од 50 отсто, додека делницата од Длабочица до Чатал има физичка реализација од 30 отсто, информираат од Јавното претпријатие за државни патишта.
Идниот експресен пат ќе има ширина од 12,5 метри, со по една лента за возење и по една помошна лента за застанување во секој правец. Овој проект се финансира преку кредит од Светската банка. И додека на терен се гради експресниот пат, од ова јавно претпријатие кон крајот на пролетва ја завршија реконструкцијата на постојниот пат од Ранковце до Крива Паланка, којшто во иднина би се користел како алтернативен патен правец на новиот експресен пат.
Во моментов непречено тече и реконструкцијата и проширувањето на постојниот пат Крива Паланка-граничен премин Деве Баир. Од Јавното претпријатие за државни патишта за „Мета.мк“ велат дека до крајот на август се реализирани приближно 20 отсто од планираните градежни работи на патот. Со овој проект ќе се изгради трета коловозна лента долг целата траса долга 13 километри, како и четири нови моста, а ќе се реконструира и постојниот коловоз. Реконструкцијата и проширувањето на постојниот пат Крива Паланка-Деве Баир треба да заврши до почетокот на февруари 2022 година.
Од Јавното претпријатие за државни патишта во моментов работат и на реконструкцијата на патниот правец од Куманово до Ранковце, во должина од 31,8 километри. Во моментов се реконструира патот во должина од 16,64 километри, градежен зафат којшто треба да биде завршен најдоцна до пролетта 2021 година. За вториот дел од реконструкцијата на овој патен правец, којшто го опфаќа преостанатиот несаниран дел, веќе е склучен договор за изведба на градежните работи.
Со сите овие градежни зафати што се одвиваат во моментов, патниот Коридор 8 кон Бугарија се очекува да биде завршен до почетокот на 2022 година. Со реконструкцијата и надградбата на постојните делници, како и со новиот експресен пат Ранковце-Крива Паланка каде што возилата ќе се движат со максимална брзина од 110 километри на час, се очекува значајно да се скрати времето на патување меѓу Скопје и Софија во патниот превоз.
Изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка започна во летото 2018 година, додека реконструкцијата и проширувањето на патот Крива Паланка-Деве Баир стартуваше во февруари годинава.