Рускиот министер за здравство Михаил Мурашко изјави дека масовната вакцинација на ризични групи против Ковид-19 треба да започне во ноември или декември, објавија руските новински агенции.
Русија стана првата земја во светот што одобри вакцина против Ковид-19 по помалку од два месецa тестирање на луѓе, што ги натера меѓународните експерти да се сомневаат во нејзината безбедност и ефикасност.
„Вакцината првенствено ќе биде доставена до здравствените работници и наставниците“, рече Мурашко, а пренесува „Тасс“.
Вакцинацијата ќе биде апсолутно доброволна, додаде министерот чија изјава ја пренесе и германската агенција ДПА.
Околу 40.000 доброволци сега учествуваат во третата фаза на тестирање на вакцината, јавуваат руските медиуми и додаваат дека засега нема регистрирано значајни несакани ефекти.