Утрински Весник
Македонија

Дониран УВ апарат за стерилизација на Општата болница во Охрид

Дониран УВ апарат за стерилизација на Општата болница во Охрид

Охрид, 11 мај 2020 (МИА) – Иноваторите Ивица Поцков и Никола Глигоров, заедно со општествено одговорната компанија хотел „Су“ од Охрид денеска донираа специјален апарат за дезинфекција на простории со ултравиолетови зраци за потребите на охридската Општа болница.

Станува збор за мобилен апарат изработен од двајцата иноватори, наменет за стерилизација на простории во установата, што може да уништува какви било биолошки агенси на простор од некаде 50 метри квадратни. Важноста на донацијата е дотолку поголема во овие мигови што апаратот е ефикасен и во уништувањето на коронавирусот.

Директорот на Општата болница во Охрид Горан Балевски рече дека апаратот ќе биде употребуван за стерилизација прво на Инфективното одделение, а потоа етапно ќе се стерилизираат сите простории што беа наменети за прием на лица инфицирани со Ковид-19. Апаратот ќе се користи и за стерилизација на возилата за Службата за итна медицинска помош.

Иноваторите кои го изработија апаратот посочија дека самиот апарат не е многу скап, но оти неговата вредност моментално е далеку поголема од цената на самата изработка оттаму што е направен од материјали што се доста дефицитарни на пазарот.

На овој начин досега преку донации на општествено одговорни компании се изработени и предадени шест апарати, додека во тек е изработка на уште осум уреди за УВ стерилизација што ќе бидат донирани на здравствени установи во земјата. аб/вг/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Ставот на МАНУ е дека постои само една национална академија и оти во неа нема место за политички влијанија, за Мицкоски иднината не е во поделби туку во обединување

Зголемена фреквенција на возила на Табановце за влез и Богородица за излез од државата

Сончево и топло со умерен до засилен северен ветер