Нуркачкиот центар ,,Амфора” го објави онлајн документарниот филм за охридската пастрмка.
„Охридската пастрмка претставува заштитен знак и синоним за ендемичноста на Охридското Езеро, но неконтролираниот лов ќе доведе до потполно исчезнување на истата. Целта на овој документарен филм е да се запознаеме со вековниот ритуал на Охридската пастрмка, каде се мрести, како се однесува при мрест, кои се реакциите при контакт со нуркач, а со единствена порака за нејзина заштита од изумирање“ велат од нуркачкиот центар „Амфора“.
Документарниот филм е сниман во текот од пет сезони во зима декември, јануари и февруари во период кога охридската пастрмка доаѓа во плитки води да се мрести. Направени се повеќе од 50 часа снимен материјал и над 300 подводни фотографии. За да се направи овој материјал, изведени се нуркања во екстремни и ноќни услови, на температура на вода од 6 до 7 целзиусови степени, во присуство на планктон, струења, заматена и разбранета вода. Најчесто се снимало на длабочина од 2 до 15 метри, но направени се и доста нуркања до 40 метри длабочина.
Филмот беше премиерно прикажан во 2017-та година. Нуркачите со години алармираат за исчезнувањето на пастрмката.