Утрински Весник
Македонија

Доделени наградите „13 Ноември“ на Град Скопје

Доделени наградите „13 Ноември“ на Град Скопје

Вчеравечер, во Филхармонијата, по повод одбележување на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, свечено им ги додели наградите на годинешните добитници, нашите сограѓани коишто со својот труд и творештвото дале свој придонес за развојот на градот и за неговиот севкупен напредок, и им се обрати на присутните гости.

– Поминаа 76 години од ослободувањето. Скопје е слободно заради борците кои херојски се бореа и ги положија своите животи за нашата слобода. Иако поскромно, заради вонредните околности предизвикани од пандемијата, сепак најдовме безбеден начин да оддадеме почит на овие луѓе преку вечерашнава свеченост по повод доделувањето на наградата „13 Ноември“. Овој ден е ден на партизаните, на борците од 42-та и 50-та дивизија и 16-та бригада, а вечерва нивниот лик и дело го славиме со прекрасните песни на Нина Спирова која од оваа година веќе не е меѓу нас. Почитувани гости, драги сограѓани, нашето наследство од НОБ веќе трета година го чуваме со посебно внимание: отворавме музеи и изложби, ги уредуваме просторите околу заборавените спомен обележја во градот. Нашата соработката со Сојузот на борците никогаш не била поцврста и подлабока. Нашиот долг, долгот на нашата и идните генерации кон ослободителите е толку голем што ниту една форма на благодарност не може и не смее да биде доволна додека постои Скопје. Патот на космополитизмот, солидарноста и прогресот е патот по кој заедно чекориме.За Скопје работиме со многу љубов. Одговорно и посветено. Чекор по чекор. За нас секој граѓанин е важен и секој дел од градот е важен. Скопје е отворен град, еднаков за сите. Скопје се развива внимателно и рамномерно. Работиме на тоа да можеме еден ден со гордост да кажеме дека Скопје е паметен град, зелена престолнина, престолнина на културата, град – модел за развој во регионот. Скопје тоа го може и го заслужува. Тоа им го должиме и на борците, на нашите ослободители – рече Шилегов.

Градоначалникот Шилегов на свеченоста соопшти дека тој ќе му предложи на Советот на Град Скопје новиот мост на Вардар кој се гради за да ги поврзе општините Аеродром, Центар и Гази Баба, да го носи името на славниот генерал Михајло Апостолски.

„Град Скопје на овој ден традиционално, секоја година ги наградува граѓаните кои со своите дела во различни области го промовираат нашиот град низ целиот свет.Од срце упатувам најискрени честитки до годинашните добитници на награда „13 Ноември“. На тој начин изразуваме мала благодарност од сите нас за нивната посебност. И во овие тешки времиња вие сте нашата голема гордост. Се радуваме на секој ваш успех. Упатувајќи ги моите искрени честитки, ви посакувам бројни успеси и во иднина кои ќе останат светол пример на сите генерации за тоа како се сака Скопје преку сопствените дела. Нека ни честит и вековит 13 Ноември и да останеме сите во добро здравје“, кажа Шилегов во своето обраќање.

Добитници на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, за 2020 година се:

Од областа на публицистиката

1.ТОНИ ДИМКОВ
Новинар, уредник на „Културен печат“

-за професионална посветеност и публикување на настаните од уметничкиот и културниот живот во Скопје.

Од областа на образованието и воспитанието

1.СЕРВЕТЕ ФИДА
Учителка по албански јазик

-за долгогодишна успешна работа во воспитно образовната дејност.

Од областа на културата

1.ЉУБОМИР ЧАДИКОВСКИ
Поранешен директор на НУ Театар за деца и младинци-Скопје

-за значајни придобивки и успеси на Тетарот за деца и младинци – Скопје на сите полиња за време на неговото директорување.

2. НИКОЛА АНГЕЛОВСКИ
Артист,режисер,преведувач,сценарист,комедиограф

-за 60 години творештво во областа на театарот и филмот.

Од областа на науката

1. ПЕТАР НАМИЧЕВ
Архитект, Професор на Универзитет Гоце Делчев Штип

-за Монографиите „Традиционалната куќа во скопскиот регион од 19-ти век“ – 2020 година и „Традиционалната архитектура во Скопска Црна Гора од 19-ти до ран 20-ти век“-2018 година.

Од областа на уметноста

1.ДИМЕ ПОПОВСКИ
Естраден уметник

-за особен придонес во музичката уметност.

Од областа на хуманитарната активност

1.АНДРИЈАНА СЕРАФИМОВСКА, ТЕО ТАСЕВ, ТЕОДОРА ТРАЈКОВСКА, ФИЛИП ДИМИШКОВКИ и БОЈАН РИСТОВСКИ
Деца волонтери кои им помагаат на децата заболени од малигни болести на Хемато-онколошкото одделение при Клиниката за детски болести – Скопје

-за несебично вложување во интерес на здравјето на децата кои се борат со малигни болести.

Од областа на здравствената заштита

1. Тим на доктори кои ја извршија првата трансплантација на срце во РСМ
Проф. д-р Сашко Јовев, академик Жан Митрев, д-р Маја Мојсова, д-р Васил Папестиев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Ванѓел Здравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Миташова, д-р Александар Николиќ, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска, д-р Димче Славевски, д-р Билјана Андоновска, д-р Весна Дурнев, д-р Кочо Димитровски, д-р Менка Лазаревска и Адријана Георгиев.

– за успешно извршена трансплантација на срце.

2. д-р ЖАРКО КАРАЏОВСКИ
Епидемиолог

-за заслуги во здравството

Од областа на спортот

1. ИЛИНА АРСОВА
Планинар, алпинист

-за искачување на 7-те највисоки врвови на 7 континенти.

Правни лица

1. ДРУШТВО НА ЛИКОВНИТЕ УМЕТНИЦИ НА МАКЕДОНИЈА

-за 75 години заокружена творечка и континуирана работна целина.

Ученици и студенти

1. МАТЕЈ МИЛОСИЕВСКИ
Ученик во ПСУ „Јахја Кемал“

-за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннставните активности.

2.АНГЕЛА ПЕТРОВСКА
Ученичка во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“

-за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности.

3.ВЕДРАНА ПЕТРОВА
Ученичка во СУГС Гимназија „Јосип Броз-Тито“

-за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности.

Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Градот Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичка култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот. Наградата може да се додели и на физички и правни лица од други држави кои оствариле посебен придонес за Градот. Исто така, Наградата се доделува и на ученици и студенти за творечки труд или континуирани успешни постигнувања во наставните и во воннаставните активности што претставуваат посебен придонес за напредок и афирмација на Градот Скопје.

Тајното гласање го спроведе Комисијата што ја именува Одборот, во следниот состав: претседател Вангелина Мојаноска и членови: Лорета Георгиевска-Јаковлева, Газанфер Бајрам, Севдаиљ Демири, Халил Зендели, Бранко Цветкоски, Виолета Томовска, Петре Арсовски, Роландо Кутиров, Љубиша Станковиќ и Даница Стојанова.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Николовски: Царинската управа ги затегна чешмите, се оди во Буџетот, рекордна наплата на приходите 

СДСМ: Орекстриран страв за бегање од одговорност- кукавички обид на ДПМНЕ за префрлање вина врз СДСМ

Врнежи од снег во неколку градови и на планините, забрана за тешки возила на Стража и на патот Маврово -Дебар