Скопје, 8 април 2020 (МИА) – Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во соработка со Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата во услови на пандемија на Ковид -19 и вонредна состојба преземаат низа заеднички активности, соопшти ДКСК. Од Антикорупциска истакнуваат дека во услови на криза, постојат зголемени ризици од корупција, за што сведочат досегашни кризи од помали размери како во нашата, така и во други држави.
-Оттука, ќе се посвети внимание на јавните набавки, дистрибуцијата на државна помош и донациите, како и работата на инспекторатите. Очекуваме дека институциите ќе сторат сѐ, во внатрешните процедури кои се пишуваат врз основа на уредбите со законска сила да бидат вградени соодветни антикорупциски механизми, водејќи се од начелата на етичност, непристрасност и транспарентност. Дополнително очекуваме дека ќе се води јавна евиденција на примателите на државна помош (по различен основ) и донации, добавувачите во јавните набавки и субјектите на инспекциските проверки, се посочува во соопштението.
Од ДКСК уште еднаш им посочуваат на службените лица и субјектите од јавниот сектор да ги почитуваат начелата на законитост, интегритет, еднаквост, јавност, етичките норми и професионалните стандарди при извршување на своите јавни овластувања и должности.
-Согласно овие начела службените лица не смеат да ја користат функцијата, јавното овластување, службената должност и положба за извршување на дејствие што согласно законските прописи е забрането, односно не смеат да дозволат пропуштање на дејствие кое се задолжени да го извршат, не смеат да го подредат своето професионално извршување на својот личен интерес, ниту на интересот на друго лице, должни се да го почитуваат јавниот интерес и да постапуваат без дискриминација или повластување на било кого, не смеат да се раководат од лични, семејни, верски, партиски и етнички интереси, ниту од притисоци и ветувања од претпоставениот или од друго лице, потенцираат од ДКСК.
ДКСК и Платформатa своите активности ги насочуваат кон следење на содржината, транспарентноста и отчетноста во реализацијата на уредбите со сила на закон и мерките што Владата и институциите ги носат во овие вонредни услови, а особено на оние кои вклучуваат трошење на буџетски средства и, користење на донации и слично, a во насока на заштита на здравјето на граѓаните и економската состојба на земјава. Потоа кон поддршка на граѓаните и институциите во пријавувањето и навременото откривање на можни недоследности и незаконитости во постапувањето на државните и локални власти, како и на поединци и субјектите во јавниот сектор. ев/са/