Утрински Весник
Македонија

Ди Мајо ги поздрави обидите за носење на законот за ЈО, напомена дека ниту една земја не може да се пофали со високо ниво во борбата против корупцијата

Ди Мајо ги поздрави обидите за носење на законот за ЈО, напомена дека ниту една земја не може да се пофали со високо ниво во борбата против корупцијата

Скопје, 11 февруари 2020 (МИА) – Обидите да се донесе законот за јавно обвинителство во рамки на напорите на земјата во борбата против корупцијата ги поздрави денеска шефот на италијанската диполоматија Луиџи ди Мајо, кој по средбата со министерот за надворешни работи Никола Димитров на заедничката прес-конференција напомена дека ниту една земја не може да се пофали со високо ниво на темата – борба против коруција.

Напоменувајќи дека земјава деновиве работи на една голема реформа, носење на Законот за ЈО, истакна дека тој не бил побаран како директен услов за отворање на преговорите со ЕУ, но Северна Македонија тоа го прави како знак на добра волја.

-Односно како знак дека можеме да ги соединиме нашите сили и напори и заедно да работиме против корупцијата и организираниот криминал и да им покажеме на земјите кои чекаат да влезат во НАТО дека борбата против корупција е многу важна, напомена Ди Мајо и додаде дека Северна Македонија може да смета на целосна поддршка за Унијата.

Изрази задоволство што во посета на С. Македонија се наоѓа токму на денот кога во Собранието треба да се ратификува Протоколот за пристапување во НАТО.

-За мене тоа е многу битен факт и се надевам дека и во иднина ќе можеме заедно да работиме и како членки на НАТО, рече Ди Мајо и додаде дека во однос на ЕУ,  европското семејство се соочува со земји кои сакаат да излезат од него, што е уште поголема причина за добри односи со оние земји, кои сакаат влез во Унијата.

-Имаме народи, оние од Западниот Балкан кои гледаат голема можност во ЕУ и тој факт Унијата треба да го негува и да овозможи овие нивни амбиции да бидат што побргу задоволени. Ова мое патување денеска е втора посета во рамките на една поголема турнеја, која ја почнав вчера и која ќе се заврши вечерва во Париз, каде што со францускиот министер ќе разговарам на теми врзани со тоа дека отворањето на преговорите за С. Македонија е од суштинско значење, рече Ди Мајо.

Без разлика дали станува збор за стара или нова методологија на преговарање, отворањето на преговорите не смее да се забави, бидејќи тука се работи само за политичка волја, порача шефот на италијанската дипломатија, одговарајќи на новинарско прашање и нагласи дека да дава гаранција за брзината со која ЕУ ќе ја донесе новата методологија е многу амбициозна работа.

-Да ја гарантираме брзината со која ЕУ ќе се движи тоа е многу амбициозна работа. Ние сме 27 држави, сите треба да одлучат, но нашата заложба е во правец сето тоа да биде што е можно побрзо – значи, за новата методологија и за отворање на преговорите. Дали методологијата е стара или нова сепак клучната точка е дека не смее да се забави отворањето на преговорите, бидејќи тука се работи само за политичка волја, рече Ди Мајо и додаде дека доколку земјите кои се основачи на ЕУ се соединети и се компактни значи дека може да започне едно ново поглавје за граѓаните на Северна Македонија.

Димитров се надворза дека земаќи ги предвид искуствата од јуни 2018, јули 2019, октомври 2019 би било прехрабро да се даде прогноза.

-Ние мораме, како што вика народот, сега да дуваме и на јогурт. Елементите за заеднички успех се тука, се чини дека методологијата овозможи позитивни сигнали да се придвижи целиот процес. Следи извештајот од Комисијата и за двете досиеја и за македонското и за албанското, мислам дека ќе биде неверојатно крупна стратешка грешка ако таа шанса не ја зграпчиме и ние во регионот, меѓутоа и самата Европска унија, додаде Димитров, кој напомена дека денеска е историски ден за земјава, со оглед на тоа што во Собранието ќе се изврши ратификација на Протоколот за членство во НАТО.

На средбата денеска Ди Мајо и Димитров се согласиле дека отворањето на пристапните преговори ќе донесе многукратна корист за земјата, регионот и ЕУ.  

Димитров на заедничката прес-конференција напомена дека Италија е наш голем и докажан пријател и билатерално, меѓутоа и во контекст на нашите децениски стратешки цели да зачлениме во НАТО.

-Сведоци сме дека во изминатите година и пол бевме мошне близу до успех и валоризација на заедничките напори за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија. Веруваме дека донесувањето на оваа заслужена одлука за мојата држава ќе даде натамошно охрабрување на реформските процеси, воедно ќе ги зачува значајните достигнувања, но и кредибилитетот и влијанието на гласот и на политиката на ЕУ во нашите. Затоа ние разочарувањето од немањето одлука во октомври го претворивме во нов мотив, во стимул сите чинители во државата да работат уште понапорно и попосветено на нашето реформско досие имајќи предвид дека евроинтеграцијата е суштински елемент кохезивен во нашето општество, додаде тој.

Ди Мајо како одлична ја оцени и економската соработка и изрази благодарност до Владата на С. Македонија, поради тоа што им овозможува на италијански фирми да инвестираат во оваа земја и да имаат нови можности за развој.

-Ова го велам затоа што е многу важен момент на меѓународен план. Сигурно коронавирусот ќе има влијание на меѓународната трговија. Оваа појава ќе има влијание и на меѓународната трговска размена. Италија во минатите години инвестираше во трговската размена со истокот. Сега е очигледно дека во овој момент се отвора една фаза во која ние како Влада мораме да им дадеме максимална подрршка  на компаниите за да се соочат со овој предизвик, нагласи Ди Мајо. цр/ац/

Прес Димитров и Ди Мајо

Posted by MИА.mk on Вторник, 11 февруари 2020

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

СДСМ утре на Конгрес ќе избира ново раководство

Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз

Три години од трагедијата во Бугарија во која загинаа 45 македонски државјани