Русе Арсов се повлече од директорската функција на Младинскиот културен центар (МКЦ).
Како што информираше, оставката ја поднесува од здравствени причини.
„По три ипол години, премногу љубов, страст и жар –не издржа срце јуначко ? па од здравствени причини ќе морам самиот да се повлечам од оваа функција“, пишува Арсов во оставката.
Тој потсети дека во последните години МКЦ реализираше бројни кинопроекции, културни настани и фестивали. Во однос на барањето на Антикорупциска, Обвинителството да ја истражува новогодишната прослава во Скопје на која настапи Дино Мерлин, Арсов рече дека е уверен оти во овој предмент нема никаков криминал.
„Ги донесовме Лиза Жерар во Филхармонија, Љубомир Мелник во Пошта… И да, паднавме на Дино Мерлин. Ох судбо клета!. И додека ги градевме убавите работи, четри години континуирано се дружевме и со Финансика полиција, и со јавно обвинителство, и со разни ревизии… Се вадеа документи, се уништуваа животи… а на крај едно по едно обвинувања завршуваа како неосновани. Затоа ДА, ве молам слободно затворете го веќе и овој предмет Дино Мерлин. Уверен сум дека нема никаков криминал ни таму, а од последниве години го научивме и гадното чувство на обвинување – па затоа, ајде ве молам.“, вели Арсов.
Тој нагласи дека се повлекува само од директорската функција, но останува во МКЦ. На оној што ќе дојде на неговата позиција му порача: „Не грижи се, МКЦ не е загубар!“.
„МКЦ и покрај пандемијата, кога сериозно беа намалени приходите од влезници и производи, и кога сериозно беа намалени дотациите за режиските трошоци, успеа со максимум од своите можности да ја даде својата поддршка на целата независна сцена – и на крај повторно да ги плати сите свои сметки и да забележи позитивно финансико работење. Па така, во следната јубилејна година да пренесе сопствени средства во висина од 4.000.000 денари, и уште толку се’ уште ненаплатени побарувања. За оние кои раководат културни институции јасно им е дека ова е сума за почит, на што сме посебно горди. Ја користам оваа прилика, да им се заблагодарам на сите мои колеги кои и после сите притисоци успеаја да останат најголеми професионалци. Другари фала ви на доверба и поддршка!“, додаде Арсов.