Неготино, 16 мај 2020 (МИА) – Депонијата во Неготино во последните неколку дена е запалена два пати и се сомневаме дека некој намерно ја пали. За тоа пријавивме во полиција, изјави за МИА директорката на неготински „Комуналец“, Марина Бојаџиева, запрашана околу пожарите на градската депонија и оти граѓаните стравуваат за своето здравје.
Нивна екипа била на терен и вршела соодветно третирање на лице место.
Директорката рече дека е многу зголемена количината на отпад на депонијата, а проблем имале и со оние кои неконтролирано таму носат секакво ѓубре.
– Многу е напорно да се гасне толкава количина отпад. А тоа чини и пари. Многу ми е жал поради сево ова, последните две години депонијата воопшто се немаше запалено. Сега наеднаш се пали, според мене тоа е симптоматично. Не е убаво да се злоупотребуваат вакви работи, нагласи Бојаџиева. свд/нд/