Утрински Весник
Економија

Директорите на Агенцијата за вработување и на Фондот за иновации на средба со кочанските стопанственици

Директорите на Агенцијата за вработување и на Фондот за иновации на средба со кочанските стопанственици

Кочани, 12 февруари 2019 (МИА) – Можностите за усогласување на потребите за преквалификација и доквалификација на активните баратели на работа со стопанството беа тема на средбата што кочанските стопанственици денеска ја одржаа со директорите на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска и на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски.

Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска рече дека во 2019 година околу 900 илјади евра се распределени преку Центарот за вработување – Кочани, за реализација на активни мерки, политики и услуги на пазарот на трудот, кои ги искористиле 130 приватни компании.

– Многу важен момент се обуките, односно преквалификациите и доквалификациите. Оваа година имаме мерка за познат работодавач, со обезбедени средства и за вработените обучени лица и за работодавачот. Според барањата на работодавачите има стручни обуки кои ќе траат од два до четири месеци, од кои невработените лица ќе земаат по девет илјади денари, а ќе има и за обучувачи, репроматеријали и за други трошоци. Со проектот за младинска гаранција пак, со кој се вклучени околу 29 илјади лица, над 30 отсто се вработија во првите четири месеци. Покрај другите мерки, од годинава стартуваше и младинскиот додадаток како поттикнување на младите за вклучување во производството, истакна директорката Јовановска.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски посочи дека е важно да се види како програмите што се креираат преку Фондот реално функционираат во пракса.

– Фондот овозможува технолошки развој насочен кон зголемување на конкурентноста на компаниите со нови технологии. Според податоците, дел од фирмите што ги финансираме растеле во делот на приходите во просек со 50 отсто, а во делот на добивката со 60 отсто. Ќе продолжиме да ги зголемува средства, бидејќи луѓето стануваат ограничен ресурс и не треба да се расфрламе со нив, истакна директорот Деспотовски. На средбата присуствуваше и Фатмир Бетиќи, советник по економски прашања на премиерот, кој нагласи дека е важно политиките да се креираат заедно со стопанствениците,  но не треба да се заборава и на човечкиот капитал. Во таа насока, во следниот период ќе се стави акцент на дигиталната економија и на зголемувањето на конкурентноста.

Преставниците на бизнис-секторот од кочанскиот регион ја истакнаа недоволната информираност за начинот на користењето на средствата од Фондот за иновации, но и за потребите од мерки за поттикнување на искористувањето на природните ресурси што ги поседуваат општините.та/скс/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петрушевска до опозицијата: Седум години покажувавте огромна негрижа, а сега зборувате за социјална правда

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија