Скопје, 26 март 2020 (МИА) – Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска имаше телефонски разговор со шефот на италијанската дипломатија Луиџи Ди Мајо, на барање на италијанска страна, соопшти МНР.
Ди Мајо му честиташе на Димитров за позитивната одлука на Советот за општи работи на ЕУ за отпочнување на пристапни преговори со Северна Македонија, истакнувајќи дека и покрај тешките моменти во кои се наоѓа неговата земја, сака да им честита на македонските граѓани за овој долгоочекуван успех.
Димитров заблагодарувајќи му се на својот италијански колега за континуираната поддршка, но пред се’ за вниманието и посветеноста која ја добиваме од Италија токму во нејзините најтешки моменти предизвикани од пандемијата, потенцираше дека ова значајно постигнување за Северна Македонија е истовремено и успех на Италија и на самата Унија.
Изрази длабоко сочувство до италијанските граѓани за големиот број жртви и упати желби за поскоро оздравување на оние кои се’ уште се борат со болеста, како и за што поскоро надминување на сите предизвици со кои се соочува Италија во овие тешки мигови.
– Да се честита успехот на пријателите во време кога самите проаѓате низ исклучително тешки моменти, не само што е голема доблест, туку и доказ за цврстото македонско-италијанско пријателство, оцени шефот на дипломатијата Никола Димитров по телефонскиот разговор со италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи Ди Мајо.са/дма/