Утрински Весник
Македонија

Димитров: Рано во јуни очекуваме да ја добиеме предлог преговарачката рамка со ЕУ

Димитров: Рано во јуни очекуваме да ја добиеме предлог преговарачката рамка со ЕУ

Скопје, 5 мај 2020 (МИА) – Рано во јуни очекуваме да ја добиеме предлог преговарачката рамка и во зависност од корона кризата во период од неколку месеци таа да биде одобрена и да започнеме со првиот вистински чекор во преговорите – првата меѓувладина седница, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Тој нагласи дека е во онлајн контакт со претставници од Европската комисија, вклучително и со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, кои работат на предлог преговарачката рамка.

– Планот, иако не изделкан во камен, е да се излезе со две преговарачки рамки – за Северна Македонија и за Албанија, заедно со пакетот документи за проширување, многу рано во јуни. Потоа, верувам дека ќе започнеме политички процес на ниво на земји членки, каде ќе биде дискутирано и ќе можат да понудат свој поглед на предлогот. Зависно од условите со пандемијата очекуваме дека во период од неколку месеци ќе имаме потврда на оваа преговарачка рамка и да започнеме со првиот вистински чекор во преговорите – првата меѓувладина седница, изјави Димитров.

Димитров, ова го посочи за време онлајн брифингот на тема „Северна Македонија се приближува на ЕУ: Напората работа прави историја?“ во организација на непрофитниот тинк-тенк Европски центар за политики, чиј претседател е Херман Ван Ромпуј, поранешен претседател на Европскиот совет.

Шефот на македонската дипломатија истакна дека за нас преговарачкиот процес е многу поважен од самата крајна цел – членство во ЕУ, додавајќи дека целата држава е подготвена за почеток на патот на преговорите и да го искористи како алатка за реформирање и станување на целосно функционална и просперитетна европска демократија.

– Идејата е да направиме реална промена на системот и оштеството. Прашањето на реверзибилност верувам дека е позитивен чекор, ако добрите реформатори се препознаени. Мене лично и на Владата ни се допаѓа тоа што има така голем акцент на процесот на движење напред. Сметаме дека е добро што механизмот на реверзибилност е силна алатка во рацете на ЕУ за оценување на земјите кои не спроведуваат реформи и не притискаат напред и со тоа да помогнат граѓаните да препознаат дека нешто е погрешно. Тоа ќе биде јасна алатка на ЕУ да ги притиска владите од регионот да испорачаат реформи, посочи Димитров.

Тој очекува новата преговарачка рамка да биде различна од таа на Србија и на Црна Гора, но не очекува многу изненадувања и верува дека ќе има можност да ја види и анализира пред да биде јавно претставена.

– Ќе биде повеќе во кластери, отколку поглавја и ќе имаме пошироки области на реформи. Првиот кластер ќе бидат основите со силен акцент на владеењето на правото. Сметам дека Комисијата ќе направи напори да има што е можно појасни цели и критериуми. Потоа, верувам дека ќе има напори да биде пообјективна и оценувањето да биде јасно и опипливо. Земјите членки можеби ќе бидат поканети да номинираат национални експерти кои ќе и помогнат на Комисијата во оценувањето. Важно е да знаеме дека оценките за конкретни делови во извештајот на Советот ќе бидат безусловни и во нашиот случај. Верувам дека условите ќе се создадат и сметам дека имаме можност да го започнеме процесот во следните неколку месеци, нагласи Димитров.

Тој посочи дека солидарноста и помошта за целиот регион за време на корона кризата од ЕУ покажале дека сме третирани исто како да сме земја членка.

Димитров верува дека главна тема на претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан ќе биде помошта од 3,3 милијарди евра за регионот во справување со корона кризата и економските последици во регионот.

– Од изјавите на претседателката на Европската комисија и останатите претставници на ЕУ имам чуство дека постои јасно препознавање дека овој регион ќе биде дел од ЕУ и не може да се победи вирусот во ЕУ, без помош на земјите, кои се географски опколени од земји членки, да го направат истото, истакна Димитров.

Во однос на Предлог-декларацијата од Самитот во Загреб, Димитров вели дека со неа ЕУ ја потврдува европерспективата на Западен Балкан.

– Драфтот вели дека ЕУ ја потврдува европерспективата на Западен Балкан. Би било подобро да има поконкретно нешто за процесот на проширување, што ќе беше топло поздравено. Сепак, верувам дека не треба да ја негираме поддршката од ЕУ, зошто сепак не може да значи ништи друго, туку членство во некој момент. Но, се согласувам дека појасен политички јазик и сигнал ќе беа особено добредојдени во нашиот регион. Сепак, ова нема да не демотивира, туку ќе работиме на напредок и реформи и ќе биде особено тешко земјите членки да не го препознаат овој напредок, нагласи Димитров. аа/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Каранфилова-Пановска: Ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики за промени на СДСМ

Обвинителство: Има материјални докази дека Палчо е сторител на двојното убиство

МЖСПП: Советничката Ирена Витина подобро да се информира, пред да изнесува невистини во јавност