Утрински Весник
Македонија

Димитров: Крајно време е за обновување на европската визија во регионот

Димитров: Крајно време е за обновување на европската визија во регионот

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска имаше средба со МНР на Австрија, Александар Шаленберг, МНР на Чешка – Јакуб Кулханек и МНР на Словенија – Анже Логар, во рамките на нивната заедничка посета на Северна Македонија и Албанија.

Посетата се случува во пресрет на јунскиот самит, во контекст на засилениот ангажман за официјален почеток на пристапните преговори со ЕУ, како стратешки императив за регионот во целина и тест за сериозноста на ЕУ во однос на спроведувањето на одлуките за европската иднина на регионот.

Димитров се заблагодари за активната, гласна и принципиелна поддршка на трите земји членки на ЕУ, како и за заложбите на Министрите за надминување на пречките за усвојување на преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ и одржување на меѓувладината конференција, која според многумина, вклучително овие земји, одамна требаше да се случи.

„Испорачувањето на ЕУ кон Северна Македонија ќе претставува потврда на посветеноста на европската перспектива на регионот, но и почитување на сопствените одлуки и афирмирање на европските вредности. Крајно време е за одлучен исчекор кон заедничка европска иднина и обновување на европската визија во регионот, имајќи предвид дека се соочуваме со знаци на бледнеење на европската идеја. Тоа на Балканот може да резултира со актуелизирање на одредени идеи кои се сѐ само не европски“, рече Димитров.

Министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словенија ги потврдија своите ставови и официјалните позиции во насока на неодложно валидирање на постигнувањата на Северна Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ, преку цврстата посветеност на спроведување на реформите кои значат вистинско приближување кон европските стандарди, но и лидерството за надминување на тешките прашања.

„Со пријатели кои зборуваат искрено, добронамерно и во еден глас, би можеле да дојдеме до европски успех на Балканот, толку потребен за сите“, заклучи Димитров.

Можете да прочитате

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина