Интерпелацијата за мојата работа, збир од лажни вести и обид за излез од внатрепартискиот хаос преку иницијатива за рушење на Владата и тоа за позиции и одлуки на други држави или меѓународни организации, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров во своето прво обраќање од собраниската говорница по повод интерпелацијата за неговата работа што ја поднесоа група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
„Едвај чекате лоши вести, а кога ги нема, ги измислувате. Малку ви беа демантите од Луксембург, си рековте дајте да ги мобилизираме и Данска и Холандија, со алузија дека дискретно го поддржувале ветото на Софија. За одлуките на трети држави виновна е македонската Влада, но ако случајно има добра вест од надвор заслужни сте биле вие. Па и тоа како да не беше доволно за пасионираните колекционери на деманти на вашите зборови, најдовте начин како и Словачка и Чешка да ве прозиваат дека вие ама баш никако не сте придонеле за нивната одлука да застанат на страната на европските принципи. Небаре демантите од земјите членки ви се ордени кои ги закачувате во Белата Палата, а не документиран резил од кој секој би се срамел. Ако не ја сфатите сериозноста во која се доведувате и вие како личности, партијата, но и земјата, ќе останете само она што и бевте – лажни патриоти кои за да дојдат на власт, би застапувале и антимакедонски ставови, кои впрочем можеби секако и ги имате“, рече Димитров.
Тој потенцираше дека интерпелацијата е полна со апсурди како на пример обвинувањето дека не испорачал преговори по цена на одбрана на македонскиот јазик за да можат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница и од јавните настапи да го обвинат за предавство на националните интереси.
„И сега, кој кого манипулира? Јас, кој доследно ги презентирам наодите од ЕУ, секогаш до детали прецизен за квалификациите и околу одлуките и заклучоците, и оценките на извештаите, акцентирајќи ги и областите кои треба да ги унапредуваме, или вие со очигледно елементарно непознавање на процесите, но со неизмерна желба за лоши вести за земјава и—еве уште едно признание за вас—со беспрекорна умешност да бидете први во лажното известување на јавноста за некаков си имагинативен пораз, за кој ги каните на заедничка прослава. Ние ги земаме жешките костени в раце, вие се радувате на секоја можна изгореница“, нагласи заменик-претседателот на Владата Димитров.
Димитров ги повика пратениците на опозицијата да не прават од клучното прашање за иднината на земјата дневно-политички перформанси и одговорно да се вклучат во овие процеси поддржувајќи ги принципиелните позиции на земјата.