Утрински Весник
Македонија

Димитров: Добрите вести од Шпанија се реалност во март

Димитров: Добрите вести од Шпанија се реалност во март

Скопје, 19 февруари 2020 (МИА) – Ратификацијата на Пристапниот протокол е веќе започната во шпанскиот Парламент, по скратена постапка и се очекува утре да биде усвоена од Комисијата за надворешни работи на Долниот дом, а веќе следената недела  ќе биде ставена на гласање на пленарна сесија во Долниот дом по што постапката ќе продолжи во Сенатот. Очекувањата се дека целата постапка би требало да заврши до крајот на март годинава.

Ова го истакнала шпанската министерка за надворешни работи, ЕУ и за соработка Аранча Гонзалес Лаја на денешната средба со шефот на дипломатијата Никола Димитров, кој престојува во работна посета на Кралството Шпанија.

Како што соопшти МНР, на средбата министрите Димитров и Гонзалес Лаја разговараа и за ЕУ перспективите на нашиот регион, во светло на новата методологија на ЕК за пристапни преговори. Беше изразено очекување дека во март ќе бидат валоризирани севкупните постигнувања и реформски активности на Северна Македонија со што, се наведува, конечно ќе биде донесена позитивна одлука за започнување на пристапните преговори со Европската Унија. Министерката Лаја, како што се додава, ја реафирмираше шпанската поддршка за Северна Македонија.

-Посетата на Шпанија после подолго време на ниво на МНР се случува во вистинскиот момент, кога од обете страни се очекуваат добри вести. Водејќи се од мислата на Сервантес „Да се биде подготвен, значи половина победа“, убеден сум дека ние сме подготвени, а Шпанија ќе биде дел од заедничката победа и успешните вести од нашиот регион, истакна Димитров.

Министрите се осврнаа и на заедничката соработка во меѓународните организации, а разменија мислења и за повеќе актуелни прашања од регионот и светот. Беше истакната важноста од натамошно динамизирање и продлабочување на одличните билатерални односи, со заемна заложба за јакнење на пријателските врски меѓу двете држави.

Во рамки на посетата, министерот Димитров оствари средба и со претседателката на Долниот дом на шпанскиот Парламент Маричел Батет, која му ја претстави очекуваната временска рамка за процесот на ратификација.

-Забрзаната постапка за заокружување на нашето членство во НАТО од страна на шпанскиот Парламент е потврда за силната волја на Шпанија да и помогне на Северна Македонија за конечно остварување на стратешките цели. Добрите вести од Шпанија се реалност во март, веројатно најзначајниот месец во календарот на нашите успеси, истакна министерот Димитров, стои во соопштението. вг/дма/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал