На денешните предвремени избори за градоначалник на Општина Штип до 9:00 часот гласале 1227 гласачи, односно 2,94 отсто, а на изборите за прв човек на Општина Пласница – 365 избирачи, односно 7,37 проценти, соопшти претпладнево Државната изборна комисија (ДИК).
ДИК потестува дека право на глас за предвремените избори за градноначалник во Штип имаат вкупно 41 177 гласачи, додека во Пласница 4 954.
„ Сите избирачки места во општина Штип и општина Пласница се навремено отворени, и гласањето се одвива без никакви проблеми. Гласањето е започнато во 7:00 часот и ќе трае до 19:00 часот“ , се додава во соопштението на ДИК.
Избирачите со право на глас на вонредните избори за градоначалник на Општина Штип можат да гласаат на 77 избирачки места за еден од петмината кандидати за градоначалник, кој ќе има мандат од девет месеци се до редовните Локални избори во 2021 година.
На овие избори за градоначалник во општина Пласница избирачоте од четири села може да гласаат на девет избирачки места.
Изминатите два дена во Штип и Пласница гласаа ковид болните, лицата во изолација, болните и немоќни, осудениците и станари на геријатриски домови. Како што соопшти синоќа Државната изборна комисија, избирачките одбори го спроведоа гласањето на овие лица и до општинските изборни комисии доставија известувања со соодветна документација.