Скопје, 25 јуни 2020 (МИА) – Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 71. седница ги отфрли сите поднесени приговори од коалицијата „За обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и од Левица за предвремено почната изборна кампања.
Претседателот на ДИК Оливер Деркоски информира дека се работи за приговори кои имаат скоро ист основ на поднесување, односно се работи за исти приговори. Изјави дека приговорите се однесуваат за повеќе настани во различни општини, како Кавадарци, Битола, Гостивар, Делчево, Кичево и Вевчани, Крушево, Куманово, Неготино, Охрид, Радовиш, Ресен, Струга, Тетово, Берово, Делчево, Аеродром, Штип, неколку за Скопје…
– Во сите овие приговори е наведен основот за предвремен почеток на кампања. Но, во истите приговори недостигаат одредени елементи кои можат да го карактеризираат прекршкот како предвремен почеток на кампања и на некој начин нивно точно прецизирање, за кој, каде и каков настан, освен слики од социјални мрежи од кои не може точно да се утврди за што точно станува збор, рече Деркоски.
Членовите на ДИК на денешната седница едногласно го усвоија и Предлог-упатството за пријавување и гласање на лица кои се во домашен карантин поради позитивен тест на КОВИД-19 и на лицата на кои им е одредена мерка самоизолација. По случаен избор, стручните служби на ДИК избираа посебни избирачки одбори, членови и претседател, кои треба на 13 јули да го спроведат гласањето на болни од КОВИД-19, по еден за секоја општина. Во оние општини каде има регистрирано повеќе заразени со коронавирус беа избрани по два посебни избирачки одбори.
ДИК на седницата едногласно ги усвои барањата за акредитации за набљудувачи на овој изборен процес поднесени од ОБСЕ/ОДИХР и од Француската амбасада.
Членовите на ДИК го разгледаа и барањето од ВМРО-ДПМНЕ за упис на граѓани во Избирачкиот список. Деркоски соопшти дека се работи за упис на четворица граѓани, а при проверката на стручните служби на ДИК, се утврдило дека тројца од нив веќе се запишани во Избирачкиот список, а за еден се утврдило дека има проблем со важноста на лична карта. Членот на ДИК, Јанаќе Витановски предложи согласно законите, за трите лица да донесат решение како беспредметно, а за четвртото лице да има решение како неосновано, по што сите гласаа и ја донесоа одлуката едногласно.
На денешната седница се дискутираше и за Предлог-одлука за исплата на дополнителни аванси за подрачното одделение и канцеларии на ДИК и за ОИК.
-Со оглед на новонастаната ситуација и со пролонгирањето на организацијата на изборите, јасно е дека се наметнува потребата да им се овозможи на ОИК и на нашите подрачни одделенија одобрување одредени дополнителни средства. Ние како ДИК одлучивме тие да бидат во износ од половина од она што претходно им го одобривме се со цел да можат да го дозавршат овој изборен процес, рече Деркоски. Информира дека се предлага во одлуката да се одобрат на 80 општински изборни комисии средства во износ од 1.172.500 денари и авансни средства за 34 подрачни канцеларии и одделенија 292.500 денари. мд/ев/
Јавна седница на ДИК
Posted by MИА.mk on Четврток, 25 јуни 2020