Утрински Весник
Македонија

ДЗС и СКМ: Пописот е неопходен за макроекономски планирања и носење бизнис одлуки

средба ДЗС СКМ

Пописната акција што ќе се спроведе од 1 до 21 април годинава треба да обезбеди податоци корисни за бизнис заедницата, во поглед на планирање на развојни политики, планирани инвестиции и проекции за капацитетот на потребната работна сила. Затоа е неопходна потребата од интензивирање на соработката со членовите на бизнис заедницата, особено во однос на обезбедувањето логистичка поддршка.

Тоа беше посочено на денешната средба меѓу претставници на Државниот завод за статистика, ДЗС, Стопанската комора на Македoнија, СКМ, и бизнис заедницата, при што се потенцираше дека, интензивираната соработка за реализација на пописот ќе обезбеди значаен фонд на релевантни податоци за анализи и макроекономски планирања на развојот на земјата.

Јасмина Ѓоргиева од ДЗС информираше за реализацијата на подготвителните активности и деталите за комбинираниот метод на попишување од 1 до 21 април за сите граѓани, и од 1 март за одредени категории граѓани, како и за нерезидентното население, македонските државјани кои повеќе од 12 месеци живеат во странство.

„Соработката со Стопанската комора е потребна за пренесување и ширење на информациите за обезбедување податоци. Пописните податоци ќе овозможат дополнителни информации за сегашните и за идните потенцијали за економски развој, корисни и за компаниите и за државата при дефинирањето на стратешките политики и активности“, рече Ѓоргиева.

Според генералниот советник на УО на Стопанската комора, Зоран Јовановски, ставот на Комората е дека пописот е потребен и е неопходен и треба да биде финализиран на најдобар можен начин.

„Оваа сложена статистичка операција не ја гледаме како економска категорија и не навлегуваме во методолошките аспекти, но сметаме дека е потребна и корисна за макроекономските планирања и носењето на бизнис одлуките“, оцени Јовановски и додаде дека примената на сите меѓународни препораки и стандарди гарантира успешен процес на попишување кој сите со нетрпение го очекуваме.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина