Штип, 1 април 2020 (МИА) – Детската градинка „Астибо“-Штип се вклучи кон заедничката иницијатива на голем број вакви установи во Европа, која ја носи пораката „Се ќе биде добро“. Директорката на градинката „Астибо“-Штип, Билјана Трајчевска за МИА вели дека пораката „Се ќе биде добро“ пристигнува од децата од Италија. Сите деца и родители кои се вклучени во оваа заедничка иницијатива имаат за задача да нацртаат виножито.
-Се ќе биде добро“ е пораката на децата од Италија кои како и децата од нашата татковина се во домашни услови, без можност за дружење и заедничко играње. Цртежите со виножито и пораката ги има насекаде, на прозорци, тераси, врати. Кон оваа иницијатива се приклучија децата од повеќе земји, па така и децата и родителите од нашата установа, детската градинка „ Астибо“ ја прифаќаат оваа убава порака и иницијатива со желба да ги научиме децата на сочувство, солидарност но и надеж во подобро утре, вели Трајчевска.
Таа порачува децата и родителите од земјава во услови кога сите се дома поради пандемијата да се приклучат.
-Украсете ги вашите прозорци, тераси со цртежи со виножито кои ќе ги изработите заедно со вашите деца, вели Трајчевска.
Таа истакна дека на веб страницата се истакнати и новинарски текстови од познати светски медиуми, коишто ја следат оваа акција, но и да се виде како децата од Италија заедно со своите најблиски почнале да ја реализираат оваа иницијатива. вдј/аа/