Утрински Весник
Македонија

Дефинирани се предлози за спроведување на финансиска поддршка за платите на работниците

МТСП: Компаниите да им исплатат К-15 на работниците

Скопје, 30 април 2020 (МИА) – Владата денеска соопшти дека заедно со синдикалните организации дефинирале предлози кои се добра основа за решение за спроведување на финансиската поддршка за платите на работниците и за зачувување на работните места.

Како што се наведува во соопштението од Владата, денеска се одржа состанок со кој претседаваше премиерот, Оливер Спасовски и на кој заедно со заменичката претседателка во Владата задолжена за економските ресори, Мила Царовска, со министерката за финансии, Нина Ангеловска, министерот за економија, Крешник Бектеши, заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, остварија дијалог со претставниците на синдикатите и граѓанските организации за заштита на правата на работниците на кој се разговараше за уредбата за владината финансиска поддршка за исплата на платите на работниците и за спас на работните места.

– На состанокот, на кој се разговараше конструктивно со цел да се надминат разликите кои предизвикаа недоразбирање, заеднички е констатирано дека се дефинирани предлози кои се добра основа за решение во насока на заштита на работните места, отстранување на можностите за отпуштање на работниците во услови на здравствено-економската криза од коронавирусот, а во исто време решение кое ќе биде стимул за компаниите да ја искористат државната помош, посочија од Влада.

На конструктивната средба, како што истакнаа, постигната е заедничка согласност дека во иднина ќе продолжи и ќе се интензивира економско социјалниот дијалог со сите партнери во врска со следни одлуки поврзани со спречување на економските последици од кризата.

Владините и граѓанските претставници се заложиле за решавање на отворените прашања во најбрз можен рок, со цел спроведување на мерката за заштита на работните места и за редовна плата во услови на криза. см/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Николоски: Од јануари нов пакет од 250 милиони евра владина подршка, општините да подготвуваат нови проекти

Архитектонскиот факултет при УКИМ ќе одбележи 75 години

Ден на Академијата и доделување на признанието „Блаже Конески“ во МАНУ