Утрински Весник
Македонија

Дефинирана листа со хронични болести за ослободување од работа поради коронавирусот

Дефинирана листа со хронични болести за ослободување од работа поради коронавирусот

Скопје, 11 март 2020 (МИА) – Лицата со хронични респираторни заболувања, тешки кардиоваскуларни, со малигни заболувања, со дијабетес тип 1, други имунокомпромотирачки состојби, како и бремените жени, треба да бидат ослободени од работа со препораката од Владата за спречување на ширеењето на коронавирусот. Листата на хронични болести точно ја дефинираше Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, информираше денеска ресорниот министер Венко Филипче.

По препорака на Комисијата, Филипче на Владата ќе и предложи мерка здравствените работници во следните две недели да ги откажат и приватните патувања заради тоа што многу е непредвидливо дали некоја од земјите во многу кратко време може да влезе во земја со висок ризик.

Утринава се алоцирани средства за набавка на тестови согласно со препораката на Владата  за надополнување на нивната резерва од кои, како што вели има доволно.

– Добро е што има од каде да се обезбеди содветна количина. Со респираторни машини и мобилни рендген апарати ќе се доопреми и Клиниката за инфективни болести, чиј капацитет засега е сосема доволен и има план кој дел од одделенијата би се трансформирале во одделенија за изолација. Приватните болници немаат регистрирано инфективни одделенија, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференција во Владата.

Одговарајќи на новинарско прашање, нагласи дека е тешко да се препорача мерка за целосно затворање на границите и оти немаат таква препорака од Светската здравствена организација, како и дека не може да се каже дали ќе се одржат изборите. Засега, како што појасни, е тешко да се препорача мерка како целосно затворање на границите, затоа што тоа не зависи само од нас, туку и од локалните земји, а немаме таква препорака од СЗО и ја следиме ситуацијата.

– На граничните премини полицајците одлично ја вршат работата за спроведување на прашалникот, веќе имаше и обуки кај нив од страна на Институтот за јавно здравје, и Црвениот крст се приклучи пред се на Табановце и Богородица. Во текот на денов ќе имаме состанок да се спроведе оваа препорака на Владата, за да се зајакнат екипите и на другите гранични премини. Во кое било време на располагање им епидемилозите и од локалните центри за јавно здравје. Утринава имавме разговор со претставници на гранични премини во однос на спроведување на мерката за забрана на директни автобуски линии си ризичните реони, така што и тоа е нешто што веќе се спроведува на границите, рече Филипче.

Тој потенцираше дека препораката за ослободување од работа на родители со деца под 10 години важи за сите и тие кои нема да ја почитуваат ќе бидат казнети.

Филипче најави дека ќе го контактира Здружението на матични лекари за да им се обезбеди доволно заштитна опрема и средства.

Во однос на тоа дали ќе има пролонгирање на закажани прегледи со „МојТермин“, ресорниот министер потенцираше дека има некои работи кои се итни и не може да се одложуваат.  Потенцира дека за утре е предвиден состанок со директорите на сите клиники за да се договори дали ќе се презакажат прегледите за тие кои не се итни.

Како што соопшти Филипче, здравствената состојба на седумте пациенти со коронавирус хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести е стабилна, на 12 пациенти им се врши тестирање, а сите кои се во домашна изолација се здрави и немаат знаци на болест. лв/рп/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Министерот Љутков и комесарот Токура: Преку Меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура

Лимани: Непријавувањето на насилството од страна на жртвите е еден од најсериозните проблеми

Учество на Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог” во Рим