Најмалку 30 мечки стигнаа до селото Риркајпија на западниот брег на Чукотка, соопшти Светскиот фонд за природа на Русија. „Денеска патролите избројаа околу 30 поларни мечки. Толку се забележани со двоглед, веројатно го има и повеќе“, се вели во изјавата, во која се додава дека повеќето мечки биле изгладнети.
Фондот навел дека некои од овие животни се наоѓаат на ‘ртот Кожевников (мал полуостров на еден километар од куќите), а другите се пробиваат до ‘ртот преку скршениот мраз. Во соопштението се наведува дека ситуацијата е прилично напната, но дека патролите се обидуваат да ја држат состојбата под контрола. Волонтерите редовно ја проверуваат територијата на населбата, дежураат во близина на училиштата и градинките, го предупредуваат локалното население и им објаснуваат на безбедносните мерки. Поддршка е обезбедена и од локалната самоуправа и владата на автономниот округ Чукотка.
Животните не влегуваат често во селото, но ситуацијата може да се промени прилично брзо.
„Приближно истото се случи во Риркајпија пред една година, кога беа избројани 60 поларни мечки во близина на селото. Благодарение на професионалноста и искуството на патролите и координираната работа на властите, Фондот и волонтерите, не настрадаа ниту луѓето, ниту животните“, рече Варвара Семјонова, координатор на проектот на Арктичкиот фонд за биодиверзитет.
Според неа, ваквите ситуации, за жал, се случуваат сè почесто.
„Една од причините се глобалните климатски промени. Мразот се појавува многу подоцна, мечките не можат да ловат во морето и се принудени да бараат храна на брегот”, објасни таа.