Утрински Весник
Македонија

Деркоски: Да се одреди изборен ден и организацијата на изборите да почне од почеток

Деркоски: Да се одреди изборен ден и организацијата на изборите да почне од почеток

Скопје, 30 април 2020 (МИА) – Парламентарните избори повторно да се организираат од почеток, со нивно распишување, за да не може некој да го оспори нивниот легитимитет, смета претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Деркоски.

– Има многу отворени прашања што сите политички фактори во земјата треба да ги решат, рече Деркоски во интервју за ТВ 24, кој смета дека Уставниот суд треба да се вклучи во надминување на правната празнина во однос на решението за распишување на параментарните избори, односно да се преиспита решението на претседателот на Собранието за денот на изборите и како тоа решение да се измени со друг датум.

Условот за да има избори, потенцира тој, е да се одреди изборен ден, а ДИК не е надлежна да определи изборен ден.

Деркоски од, како што кажа, позиција на претседател на ДИК, се воздржа од одговор на прашањето дали Собранието треба да се состане повторно.

– Точно е мора да се најде уставно издржано решение, да се договори консензуално меѓу сите политички фактори и во таа ситуација никој нема да го доведе во прашање легитимитетот на изборите. Остануваат неколку месеци до редовните избори, не е никаков проблем да се изнајде вистинско решение. Единствено на кое јас апелирам е дека треба да се створат максимално добри услови за организација и да се има фер натпревар во таа изборна трка, рече Деркоски.

Во однос на прашањето за одредување изборен ден и дали ДИК ќе достави своја иницијатива до Уставниот суд, тој рече дека досега има неколку иницијативи и дека ќе почекаат да видат што ќе се случува деновиве, но тој смета дека претседателот на државата е местото каде што треба да се донесат одлуки.

– Би апелирал да се прифати иницијативата на претседателот на државата. Таму е местото каде што треба да се седне и да се разговара за прашањето и да се донесат одлуките и да се изнајде законито решение за излез од оваа ситуација, рече Деркоски.

Деркоски е дециден дека избори несомнено треба да има но оти „не треба да се доведеме во ситуација да го загрозуваме здравјето на граѓаните“.

Во интервјуто тој истакна дека со мерките што се воведени поради Ковид-19, треба да се земе предвид дека процесот на гласање ќе претрпи промени односно граѓаните ќе треба да бидат на растојание од два метри, ќе треба да носат маски и ракавици, што треба да ги извадат за да бидат испрскани со безбојниот спреј, потоа ќе треба да се набават онолку пенкала колку што ќе има гласачи во Избирачкиот список.

Според Деркоски, исто така ќе треба да се повтори и целата постапка за Избирачкиот список бидејќи има промени – починати лица, лица кои наполниле 18 години итн.

Тој укажа дека на денот на гласање, од своите домови за да го дадат својот глас ќе излезат можеби милион граѓани кои треба да се чуствуваат безбедно, а треба да се земе предвид и дека во целиот изборен процес се ангажирани околу 35.000 лица.

– Треба многу сериозно да се размисли како понатаму ќе се одвиваат овие процеси, потенцира Деркоски, кој вели дека за да се организираат избори од денот на ниното распишување се потребни 50 до 60 дена. ев/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор