Утрински Весник
Македонија

Ден на младоста: Празник, штафета и слет (видео)

Ден на младоста: Празник, штафета и слет (видео)

 

25 мај 2020

Денот на младоста беше еден од најголемите празници во Социјалистичка Федеративна Република Југоспавија, кој се одбележуваше на 25 мај, а се прославуваше од 1945 до 1988 година.

Овој празник беше поврзан со роденденот на доживотниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито (1892-1980) и првите години се одбележуваше само како негов роденден, а во 1957 година на негова иницијатива е прогласен за Ден на младоста.

Главниот симбол на овој празник беше Штафетата на младоста, која се пренесуваше околу еден и пол месец низ целата територија на некогашна Југославија и на 25 мај му се предаваше на Тито на величествен слет, организиран на Стадионот ЈНА во Белград.

Штафетата на младоста е воведена во 1945 година, на предлог на младината на Крагуевац, како „Титова штафета“. Во носењето на првата Титова штафета учествуваа 12.500 младинци, кои претрчуваа траса долга 9.000 километри, предавајќи му ги на Тито првите девет штафетни палки и Сината книга со 15.000 потписи од младината на Шумадија. Првите штафети му се предадени во Загреб, а во следните години, се до 1956 година, Тито лично ги примал последните носители на штафетата пред Белиот двор во Белград, на што претходел свечен пречек на Плоштадот на Републиката.

Штафетата секоја година тргнуваше од различно место и до друга република, секогаш масовно пречекувана ширум некогашната Југославија.

Се до смртта на Јосип Броз Тито во 1980 година, штафетата му се доделувала лично на Стадионот ЈНА во Белград, со пригодна честитка со желби за добро здравје и долг живот, врачувана од најдобрите младинци и младинки. Штафетата на младоста  во 1980 година, која на денот на смртта на Тито на 4 мај се најде токму на патот низ Хрватска, го прекина својот пат и е положена на одарот на претседателот во Собранието на СФРЈ.

Штафетата на младоста продолжи да постои и по смртта на Тито, станувајќи симбол на љубов и почит кон неговото дело.

Во 1987 година во Југославија изби скандал кога во Словенија е објавено идејно решение на љубљанското дизајнерско студио „Нов колективизам“, всушност беше сменета германска нацистичка плаката, копија од делото „Трети рајх“ на Рихард Клајн. Дури и решението кое на крајот беше усвоено, се разликуваше од претходните штафети. Изработена е од плексиглас, со осум капки крв, кои гледано од денешна перспектива, можат да претставуваат најава за почетокот на крвопролевањето на овие простори.

Во 1987 година последен пат на белградскиот стадион е одржана приредбата по повод Денот на младоста, а на 26 јануари 1988 година Сојузот на социјалистичката младина на Југославија го укина слетот, кој беше многу популарен.

За носители на Штафетата на младоста секогаш беа избирани „примерни младинци“, односно најдобрите ученици и студенти, млади работници, истакнати спортисти, учесници во работни акции и воопшто млади луѓе кои се истакнале со своето образование и труд.

Моќта на Тито некогаш ја одржуваше Југославија единствена под знамето на братството и единството. Денес, 40 години по смртта на Тито, се уште има македонци, Срби, Хрвати, Бошњаци и други кои себеси се опишуваат како „југоносталгичари“. гт/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина