Демонстрантите обезглавиле статуа на Кристофер Колумбо во Конектикат, фрлиле друга статуа во пристаништето на Балтимор и ја запалиле скулптурата „семејство пионери“ во Портланд, Орегон, за време на празничниот викенд за 4. Јули додека судирите околу спорните споменици продолжуваат да беснеат низ целата земја, пренесува „Њујорк пост“.
„Иако ги поздравуваме мирните протести и конструктивниот дијалог за тоа дали и како да се стават одредени споменици во контекст или да се преселат во музеите преку правен процес, беззаконието, вандализмот и уништувањето на јавниот имот е целосно неприфатливо“, напиша гувернерот на Мериленд, Лери Хоган, на Фејсбук.
„Лидерите на Балтимор треба да ја вратат контролата на сопствените улици и веднаш да почнат да ги прават побезбедни. Ова е антитеза на демократијата и треба да биде осудена од сите, без оглед на нивната политика“, напиша Хоган.
Мермерната статуа на Колумбо, која стоеше на пиедестал во близина на квартот Мала Италија во Балтимор, беше цел на демонстрантите во саботата вечерта, на 4. јули. Толпата ја закачи со јажиња и ја собори на земја пред да ја повлече кон пристаништето и да ја фрли во водата.
Статуата е подигната во 1984 година и беше откриена од тогашниот градоначалник Вилијам Доналд Шафер и тогашниот претседател Роналд Реган.
Тоа не беше единствениот споменик на италијанскиот истражувач од 15 век уништен за време на викендот. Во Конектикат, полицијата во саботата наутро открила дека главата на гранитната статуа на Колумбо, висока 12 метри, и поставена близу Градското собрание, била откината во текот на ноќта и сè уште е исчезната.
„Ова беше подарок за градот Вотербери од американската италијанска заедница и жално е што е уништен на овој начин“, рече Дејвид Х. Саливан, локален кандидат за Конгресот.
Статуи на историски личности – вклучително и Колумбо, Џорџ Вашингтон, личности од Конфедерацијата и други сопственици на робови – станаа мета на демонстрациите на „Блек лајвс медр“ откако националните расни немири ги обновија дебатите за нивното мешано наследство.
Полицијата во Портланд, Орегон, исто така прогласи немири во саботата кога демонстрантите ја запалија „Ветената земја“, скулптура во паркот пред судот. Поставена во чест на „Патеката во Орегон“, бронзената скулптура прикажува пионерски татко, мајка и син. Демонстрантите исто така се обиделе да го запалат и судот.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, го осуди сквернавењето на спомениците. На неговиот митинг во Маунт Рашмор во петокот тој вети дека ќе потпише извршна наредба за создавање „национална градина на американски херои што ќе содржи статуи на големите Американци“.