Скопје, 19 јуни 2020
Централен регистар на Република Северна Македонија упатува најостар демант на невистините, непроверени и лажни информации, кои денеска на прес конференција ги истакна дополнителната заменик министерка за информатичко општество и администрација, Невенка Стаменковска – Стојковски.
Многу пати до сега и даваме одговор на Стаменковска, која постојано на секоја прес конференција во врска со Централен регистар ги повторува истите лаги и невистини. Срамно е за еден дополнителен заменик министер одговорен за таков важен ресор да не ги познава законите. Централниот регистар најостро ја осудува предизборната реторика полна со лаги и невистини која денеска повторно по не знаеме кој пат ја изнесува Стаменковска.
Еве повторно ќе и појасниме:
Централниот регистар од самото постоење 01.01.2002 година вработувањата ги врши според Законот за работни односи, Колективен договор и Законот за Централен регистар.
Стаменковска во март оваа година издаде писмена наредба до Државниот управен инспекторат за вонреден инспекциски надзор за регуларноста на спроведувањето на огласите за административните службеници во ЦР, за кои ЦР доби одговор од управниот инспекторат. Во него е наведено:
„Без оглед што дел од вработените во ЦР имаат статус на административни службеници, што е прецизно утврдено во член 7-а став 1 од законот за ЦР, во ставот 2 од истиот член се пропишува дека во поглед на прашањата кои се однесуваат на работниот однос на вработените административни службеници, приоритет се дава на Законот за Централен регистар и Колективен договор, а потоа на Законот за административни службеници. Според оваа одредба, Законот за Централен регистар се зема како lex specialis во однос на Законот за административни службеници, а притоа повикувајќи се и на фактот дека Централен регистар е институција која се самофинансира односно не е на терет на буџетот на Република Северна Македонија“.
Врз основа на извршениот инспекциски надзор, Државниот управен инспекторат не утврди никакви неправилности во врска со вработувањата во Централен регистар за последните три години.
Од досега наведеното многу е јасно дека директорот на Централниот регистар, како и надлежните служби за спроведување на постапките за вработувања, немаат сторено ниту директна, ниту индиректна повреда при вработувањата согласно објавените јавни огласи. Воедно сакаме да напоменеме дека директорот на Централен регистар како овластено лице одлуките што ги има донесено ги донел совесно, врз основа на утврдени факти и согласно закон и Колективен договор, со што ја нема злоупотребено својата службена положба.
Жалиме што дополнителната заменик министерка за информатичко општество и администрација одговорна за еден толку важен сектор за развој на државата, неколку пати по ред покажува непознавање на законите. Впрочем по вокација е правник и и препорачуваме повторно да се врати во студентските клупи за да се потсети што е lex specialis. Во никој случај нема да дозволиме со предизборна политичка реторика и мешање на политиката во независна институција каква што е Централниот регистар, да ги засени успесите и достигнувањата кои во изминатите три години ги постигна нашата институција. Ако и покрај сето горенаведено нешто се уште не и е јасно, одговорите е подготвена да и ги даде директорката на Централен регистар.
Централен регистар на Република Северна Македонија
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.